Лула го потпиша декретот за продолжување на даночното изземање на горивата

Новиот бразилски левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва, неколку часа по инаугурацијата на својот трет мандат на должноста во неделата, го потпиша декретот со кој на 60 дена се продолжува даночното изземање на горивата, мерка којашто ја донесе неговиот крајно десен претходник Жаир Болсонаро за да се ублажи скокот на нивните цени.

Даночното изземање на горивата претставува губење на приходи од 52,9 милијарди реали годишно, или над 10 милијарди американски долари. Министерот за економија Фернандо Хадад изјави претходно дека тоа изземање нема да биде продолжено, со што создаде поделба во новиот владин кабинет со 37 министерства.

Сенаторот Жан Пол Пратеш, кој би требало да биде именуван на позицијата извршен директор на државната нафтена компанија „Petrobras“, којашто беше вмешана во корупцискиот скандал во кој беше осуден сегашниот претседател Лула да Силва, изјави за новинарите во неделата дека продолжувањето на изземањето ќе трае 60 дена. Пратеш наведе дека новата влада би можела да го продолжи изземањето „на многу попријатен“ начин.

Наведе дека била разгледувана можноста за продолжување на даночното изземање на дизелот и течниот нафтен гас на шест месеци или до крајот на годината. На продолжувањето на даночното изземање за бензините се спротиставија стопанските сектори, како на пример индустријата на етанол.