Лула ветува „надеж и обнова“ на Бразил

Левичарскиот ветеран Луиз Инасио Лула да Силва ја даде во неделата свечената обврска за својот трет претседателски мандат во присуство на десетици шефови на странски држави, ветувајќи им на Бразилците „надежи обнова“.

„Мојата порака денеска е порака на надеж и на обнова…. Демократијата беше голем победник на овие избори“, рече Лула во инаугурацискиот говор.

Неговиот претходник, крајно десниот конзервативец Жаир Болсонари не му ја предаде претседателската лента, што е инаку традиција во Бразил, бидејќи во петокот отпатува со семејството на Флорида, откако пропаднаа обидите на неговите приврзаници да ги оспорат резултатите од вториот круг на претседателските избори на 30-ти октомври, откако и покрај проекциите во анкетите Лула избори многу тесна победа.

Иконата на левицата во Бразил го обвини својот претходник дека го „исцрпил здравството, ги разби образованието, културата, науката, и технологијата и ја уништи заштитата на природната среднина“.

Лула, меѓу другото тврдеше дека Бразил, голема земјоделска сила „нема потреба да ги уништува шумите“ за да му се помогне на земјоделието. „Ќе можеме да живееме без уривање на дрвјата, без палење на шумите“, рече потсетувајќи на својата цел „нулта дефорестација во Амазонија“.

Пред полагањето на свечената обврска, Лула мина низ улиците на главниот град Бразилија во отворена лимузина „ролс-ројс“ со сопругата Марија Летишија Лула да Силва и новиот потпретседател Жералду Жозе Родригез Алкмин Фиљо и неговата сопруга Марија Лушија Рибеиро Алкмин. По свечената церемонија беше одржана голем музички настан со повеќе од 40 уметници за неколкуте десетици илјади поддржувачи на Лула.

Лула беше на чело на Бразил од 2003 до 2010 година во времето го бразилската влада профитираше на „бумот“ на сировините што ѝ помогна да извлече од сиромаштијата милиони Бразилци со големите социјални програми. Меѓутоа, корупцијата тогаш беше многу раширена, па и самиот Лула беше осуден на затворска казна поради корупција и перење пари, иако казната подоцна му беше поништена. Некои аналитичари сметаат дека тоа е сторено, поради што беше единствениот политичар моментално во Бразил кој можеше да го победи Болсонаро, што на крајот и се оствари.

Лула најави и планови за јакнење на екологијата и климата, како и мерки за борба против гладот кој повторно се јави поради економската криза и инфлацијата во Бразил. Меѓутоа, 77-годишниот претседател го очекуваат вистински предизвици, а главниот е силно поларизираната политичка сцена, бидејќи поддржувачите на Болсонаро сѐ уште ги контролираат двата дома на бразилскиот Конгрес.