Лустрација на полицијата – политичка алатка за дисциплинирање, или?!

За жал, од преголемо експлоатирање зборот „реформа“ во вокабуларот на нашите политичари веќе оддамна го изгуби своето значење. Зборовите се безначајни, освен ако немате намера и решеност да ги почитувате и низ конкретни активности не им го дадете нивното вистинско значење. Се друго се пароли и политички памфлети.

Од толку реформи во последниве триесетина години, не можам да видам некој претеран ентузијазам кај граѓаните од промени на подобро. Дури и одредени реформи на реформите успеаја да ги анулираат продобивките од постигнатиот напредок во одредени области на општествениот живот од претходните. Затоа кога ќе прочитам наслов: Во Министерството за внатрешни работи во тек се сериозни реформи, кои имаат за цел да го вратат угледот на министерството и да ја вратат довербата кај граѓаните“, ми изгледа толку изветвен и повторуван во годините наназад, што зборот реформа е просто соголен од својата вистинска суштина. Не помнам влада што не го реформира полициско безбедносниот сервис во државава. Од толку реформи на полицајците им се изветвија и искинаа униформите.

Сите реформи на полицијата имаат заедничко почетно сценарио. Се’ почнува со свесно фаворизирање на тезата дека се вршела партизација на полицијата од претходната власт, со цел да се претстави полицијата како внатрешно политичко извршно оружје на одредена политичка гарнитура, т.е. домашен парамилитарен двојник кој треба да ја одржи истата на власт по секоја цена, жртвувајќи ги законските и етички принципи на кои е поставено нејзиното дејствување. Истовремено, се става под прашање стручноста и обученоста на „партизираната“ полиција, со што се создава лажен и изместен впечаток кај дел од јавноста дека не е способна да се справи со безбедносните предизвици кои се поставени пред неа. Притоа, не се води сметка дека ваквите тези и вербални напади го прават полицаецот лесно ранлив и отуѓен од оние на кои им служи и ги заштитува – граѓаните на Македонија. Потоа следи политичко полицискиот реформски инжињеринг на новата политичка гарнитура, со цел полицијата да ја стави под своја контрола. Реформата е завршена кога власта ќе обзнани дека ја „деполитизирала“ полицијата. Со свој не политички кадар. И ваквата „деполитизирана“ полиција ќе функцонира до некоја следна власт.

Нема политичка гарнитура која низ сиве години на транзицијата не даде свој продонес во обезличувањето на физиономијата на полицијата во Македонија, свесно и намерно рушејќи го нејзиниот авторитет во општеството. Сиве транзициски години полицијата е ставена во арсеналот на средства за политички пресметки, заборавајќи дека процесот на нејзина трансформација во безбедносен сервис на граѓаните е одговорност на сите политички субјекти и е нужен процес без оглед на политичката ориентација на државата. Искуството ме направи недоверлив и можеби затоа секоја реформа на полицијата (ги имаше побајаги од осамостојувањето) ја доживувам повеќе декларативно, како билборд реформа, отколку како реално посакувана од одредени структури во општеството. Сите реформи досега  главно се фокусираат на организационо – техничките и оперативни аспекти на полициското функционирање, заборавајќи дека вистинската реформа почнува со менувањето на филозофијата за улогата на полицијата во општеството.

Суштината на промените во полицискиот сервис лежи во промената на свеста на луѓето кои ги креираат овие промени. Поточно, нивно прифаќање дека поставувајќи ја границата на полициската акција во правата и слободите се штити основната вредност на секој демократски систем – граѓанинот и неговото достоинство. Затоа и вистинската реформа почнува со поврзување на човековите права со полицискиот сервис. Само на тој начин ќе се избегне системот креиран да го заштити граѓанинот да не стане инструмент на негово потчинување и ќе се врати угледот на полицијата и нејзината доверба кај граѓаните.

Колку и да ја обвинувам политиката и политичарите за промашувањата и недоследностите во реформата на полициско безбедносниот сервис, годиниве наназад ме освестија дека вината за ова ја сносат и оние поединци во полицијата, кои за жал заборавија дека се сервис на граѓаните кои својот авторитет го црпат од соработката со јавноста на која и служат, а не од голата сила со која се снабдени во сузбивање на криминалот и одржувањето на јавниот ред и мир. Не може полицаецот да дејствува онака како што тој чувствува дека треба за да го дистрибуира редот во заедницата, а не онака како што тоа го налагаат законите. Чудно колку лесно се рециклира свеста кај полицијата дека „правото во акција“- како полицијата стварно постапува е поважно од правото во книгите – како би требало да се однесува.

Можете колку сакате да ја реформирате полицијата, ако не ја прочистите, проветрите од оние поединци кои униформата и вооружувањето го доживуваат како персонификација на моќта која треба да ја дистрибуираат во општеството, а државата и политиката како прибежиште за нивната неспособност да одговорат на потребите на граѓанинот, џабе ви се реформите и ветингот. Полициско политичкиот клиентелизам лесно се детектира, ако се сака. Затоа најавуваниот ветинг, или полициската лустрација треба да почне од политичко полициските паразити во служба на секоја власт, ако постои искреност во намерата да заживее концептот за полицаецот како граѓанин во униформа, кој гради и одржува безбедносен амбиент во кој можеме да ја уживаме слободата. Во спротивно овој процес ќе се сведе на уште една политичка алатка во бесконечната реформа на полицијата, обична игра на зборови, без суштина и вистинска искрена акција.

Сепак, да не бидеме строги кога судиме за полицијата. Кога некој им посакува да им се случи Куманово, треба да знае дека тоа се наши сограѓани кои како и другите граѓани на оваа држава, сиве овие транзициски години ја споделуваат општествената збунетост кога прифатливото однесување во општеството се оддалечува од традиционалните рамки на правилно и неправилно, на добро и лошо. Ги споделуваат економската, социјалната и моралната деградација на општеството. Дека и тие како и ние се заморени од декларативните заложби за унапредување на животните и на социјалните услови во кои работат и живеат, како и за грижата за нивната безбедност и психичко здравје. Заморени од политиката и политичарите и нивните игри без граници во реформирањето на полициско безбедносниот сервис.

И за крај. Без силни механизми на контрола над полициското постапување тешко ќе се врати довербата на граѓаните во полицијата. Гледам се заборави предлогот од 2007 година за модел на механизам за надворешна контрола на полицијата, подготвен од страна на ОБСЕ. Повторно се расправа за веќе завршена работа, повторно се пишуваат нови модели. Се прави реформа на веќе готова реформа. Затоа сме таму кај што сме. Секогаш на почеток.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес