Една од двете жртви на семејството Маноилови, кои беа пронајдени мртви во нивниот стан во Велес, е позитивна на вирусот „КоВид-19“.
Извори на Алсат велат дека 79-годишната жена починала како резултат на вирусот, додека нејзиниот син, кој исто така бил пронајден мртов, бил негативен на тестирањето.
„Најден е вирусот во примерок од дишното стебло, многу тешко е да се каже што е причината за смртта. Но, во насока на значајно поголемиот број на пациенти од грип, 37.000, наспроти 20.000 историски гледано повеќе години наназад не е исклучено вирусот да бил присутен порано. Особено ако се земе предвид дека излегуваат публикации оти има асимтоматски носители на вирусот“. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашање за мајката и синот од Велес кои беа пронајдени мртви. Како што објавија дел од медиумите, обдукцијата покажала дека мајката починала во јануари, а била позитивна на коронавирус.
Соседите од зградата во која живееше семејството Маноилови го пријавиле случајот како резултат на лошата миризба од станот. Според нив, двајцата членови на семејството последен пат биле забележани пред новогодишните празници.
Од Основното обвинителство од Велес велат дека обдукцијата на жртвите завршила и оти сега се чека токсиколошката анализа. Соседите велат дека институциите не спровеле епидемиолошки анкети со жителите на зградата.
Случајот предизвикува сомнежи дали можеби вирусот КОВИД -19 е активен уште од декември, за што се дискутираше и на тогашниот состанок на Комисијата за заразни болести.