Мајмунски сипаници: Германија нарача вакцини, Франција перепорачува насочена кампања

Германија нарачала 40.000 дози вакцини против големите сипаници да бидат подготвени за спроведување вакцинација, доколку епидемијата на мајмунските сипаници добие замав во земјата, додека Франција препорача насочена кампања на вакцинирање.

Зборувајќи на прес-конференција во вторникот, германскиот министер за здравство Карл Лаутербах рече дека засега смета на период на изолација на заразените лица во траење од најмалку 21 ден за да се сузбие ширењето на болеста.

Досега во Германија се потврдени пет случаи на зараза со мајмунските сипаници и сите се кај машки лица, додаде Лотар Вилер, шеф на германскиот Институт за заразни болести „Роберт Кох“, кој исто така учествуваше на прес-конференцијата.

Германија ја нарачала вакцината „Имванекс“ против големи сипаници на производителот „Bavarian Nordic“.

Десетина земји од Европската унија, Велика Британија, САД и Канада досега потврдија случаи на мајмунските сипаници на своите територии.

Француските здравствени власти HAS, исто така, препорачаа почнување насочена кампања на вакцинирање против мајмунските сипаници, со вакцините за големите сипаници.

Од HAS соопштија дека препорачуваат веднаш штом ќе се потврди случај на оваа болест кај некој пациент, да се започне со вакцинирање на возрасните лица коишто биле во контакт со пациентот и коишто се сметаат за ризични.

Здравствените работници коишто биле изложени на заразеното лице без лична заштита, исто така, би требало да ја добијат вакцината, додаваат од HAS.