Маас во Будимпешта ја одбележа годишнината од падот на Берлискиот ѕид

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас ја одбележа во понеделникот во Будимпешта 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид со средба со сведоците на тие настани.

„Ѕидот никогаш не би паднал без храброста и солидарноста на Унгарците. Ние Германците никогаш нема да го заборавиме унгарскиот придонес“, изјави Хеико Маас на заедничката прес-конференција со унгарскиот колега министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Унгарија прифати десетици илјади граѓани на поранешната источна комунистичка Германија кои сакаа да побегнат од својата земја и ги отвори своите граници за да можат да минат на западот. Тој настан покрена масовна емиграција на источните Германци на запад. Подоцна во сплетот на историските случувања како блоковските попуштања и крајот на Студената војна, дојде до падот на Берлинскиот ѕид на 9-ти ноември 1989 година, што се доживува и како обединување на Германија.

По разговорите со Сијарто, Мас го посети и седиштето на Малтешкиот ред во Будимпешта. Во летото и есента 1989 година оваа католичка хуманитарна организација на својот црковен имот прими илјадници луѓе кои одбиваа да се вратат во источна Германија. Маас таму разговараше со сведоците кои тогаш работеле во организацијата и, како што рече, слушнал потресни и драматични приказни за настаните од тоа „судбинско“ лето.

Оваа посета доаѓа во време на заладени односи меѓу Берлин и Будимпешта. Унгарскиот премиер Виктор Орбан повеќепати ги критикуваше германската канцеларка Ангела Меркел и Европската комисија поради нивните попустливи имигрантски политики, коишто, пак, го критикуваат за неговите внатрешни политики.

Без оглед на овие несогласувања, Маас по средбата со Сијарто изјави „И покрај нашите разлики во мислењата, ваќно е да продолжиме да разговараме“. Не смееме да дозволиме дијалогот да прекине, порача шефот на германската дипломатија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.