Мачно тренерско деби на Лампард, Јунајтед го декласираше Челзи

(AP Photo/Dave Thompson)

Во првото големо дерби во новата сезона од англиската Премиер лига, фудбалерите на Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ со 4:0 (1:0) беа подобри од играчите на Челзи кои првпат во својата нова улога на тренер ги водеше легендата на лондонските „Сини“, Франк Лампард.

Водечкиот гола за домашните го постигна Маркус Рашфорд од пенал во 18 минута, а победникот беше решен во вториот дела во интервал од само две минути. Прво во 65 минута Ентони Мартиал погоди за 2:0, а потоа во 67 минута Рашфорд со својот втор погодок на мечот ја зголеми предноста на „Црвените ѓаволи“ на 3:0. Конечните 4:0 ги постави Даниел Џејмс во81 минута, иако неговиот удар го скршна Емерсон и го измами својот голман Кепа. За 21-годишниот Џејмс ова беше првиот погодок во дресот на Манчестер Јунајтед кој го облече ова лето по трансферот до Свонси. За Јунјатед на овој меч дебитираше и Хари Мегваер, кој ова лето со трансферот од Лестер за 80 милиони евра стана најскапиот одбранбен играч. На клупата на Челзи, пак, првпат како главен тренер беше Франк Лампард.

Ова беше 178 меѓусебен дуел на Манчестер Јунајтед и Челзи во сите натпреварувања, во кои Јунајтед остварил 74 победи а Челзи триумфирал 52 пати, а уште 52 натпревара завршиле без победник.

Во следното коло Манчестер Јунајтед на 19-ти август оди на гости кај Вулверхемптон, а Челзи на 18-ти дома го пречекува Лестер. Челзи во меѓувреме, на 14-ти август игра во Суперкупот на УЕФА против Ливерпул.

Токму Лестер и Вулверхемптон претходно во саботата го одиграа својот дуел кој заврши без победник. Арсенал, пак, со погодокот на Пјер-Емерик Обамејанг во 58 минута на „Сент Џејмс Парк“ го совлада домашниот Њукасл.

Во петокот и саботата беа постигнати следните резултати: Тотенхем – Астон Вила 3:1, Борнмут – Шефилд 1:1, Барнли – Саутемптон 3:0, Кристал Палас – Евертон 0:0, Вотфорд – Брајтон 0:3 и Вест Хем – Манчестер Сити 0:5.