Мадона ќе настапи на Евросонгот во Израел

Поп ѕвездата Мадона ќе настапи како специјална гостинка на изборот на Песната на Евровизија 2019, кој ќе се одржи во мај во Израел, објавија нејзините претставници за медиумите.

Промоторите на настанот под наслов „Live Nation Israel“ и претставниците на американската пејачка ги потврдија објавите на израелските медиуми за настапот на Мадона на годинешното натпреварување на Евровизијата чиј домаќин е Израел, откако минатата година во Португалија победи израелската пејачка Нетта Барсилаи со песната „Toy“.

Мадона ќе изведе две нумери, популарен хит и нова песна, во текот на тридневната манифестација Евросонг 2019, на којашто во конкуренција се пејачи од повеќе од 40 земји. Весникот Haaretz пишува дека поп-ѕвездата и продуцентите на Евросонгот претходно влегле во спор, поради тоа што новата песна планирана премиерно да биде изведена на натпреварот „очигледно содржи политичка порака“. Според најавите Мадона ќе биде придружувана од 160 лица, а нејзиниот настап на Евросонгот се проценува на околу милион долари, кои ќе ги обезбеди милијардерот Силван Адамс.

Организацијата на Израел поттикна голем број пропалестински активисти во светот да се вклучат во кампањата за бојкот на натпреварувањето во Израел. Така во јануари околу 50 познати личности во Велика Британија, меѓу кои и пејачите Роџер Вотерс и Питер Габриел, се обратија до британскиот јавен сервис BBC повокувајќуи го да изврши притисок врз организаторите натпреварувањето на Евровизија 2019 да се одржи во некоја друга земја.

Мадона веќе има настапувано во Израел, во 2009 и 2012 година во рамките на нејзините светски турнеи. Американската поп ѕвезда, исто така, е позната како следбеничка на кабалата, хебрејсо мистично езотерично учење за Бог и светот.