Мадрид ја обвинува ЕУ за доцнењето на вакцините

Шпанското Министерство за здравство ја обвини ЕУ поради одложувањето на испораката на вакцините против ковид-19, поради што главниот град Мадрид мора да ја прекине натамошната имунизација, пишува шпанскиот весник „Ел Мундо“, повикувајќи се на содржината на „протечениот“ документ.

Соочувајќи се со критиките од одделни покраини поради проблемите со резервите, централната Влада во нацрт-документ, за кој подоцна денеска ќе разговара со регионалните здравствени претставници, го впери прстот кон Брисел.

– Европската унија е таа која преговара и потпишува договори, и затоа е одговорна да бидат исполнети на соодветен начин – се наведува во документот.

Властите во Мадрид ја прекинаа вакцинацијата на нови пациенти, а поради одложувањето на испораките на вакцини се применуваат само вторите дози за ревакцинација.

Се очекува суспензијата да трае две недели, откако компанијата „Фајзер“ минатата недела соопшти дека времено ќе доцни со дистрибуција на вакцините низ Европа.