Мадрид ја одобри новата влада на Каталонија

Шпанија денеска ја одобри новата каталонска влада, која не ги вклучува затворените или поранешните министри во егзил, со што се овозможи  Мадрид да го заврши директното управување со овој регион.

Централната влада минатиот месец ги призна овластувањата на новоизбраниот претседател на Каталонија, Квим Тора, но не го ратификуваше изборот на членови на советот, бидејќи против четворица од нив се водат постапки во врска со обидите за осамостојување на Каталонија.

Мадрид нивната номинација ја нарече „нова провокација“.

Сепак, на почетокот на неделава Тора одреди нова администрација која не ги вклучуваше тие лица.

Имињата на членовите на новата влада беа објавени во денешното издание на Службениот весник на каталонската влада. Објавувањето во Службен весник е можно само со одобрување од централната влада, потсетува АФП.