Мадридското дерби без голови, Барса победи кај Хетафе

Во големото градско дерби во седмото коло од шпанското првенстви, Атлетико и Реал одиграа без голови, без да го променат редоследот на врвот од Примера.

Пред рекордно исполнетиот стадион „Ванда Метрополитано“, лутите ривали не понудија речиси ништо од убавините на фудбалската игра и целиот меч мина во многу претпазлива игра. Дури во 75 минута голманот Јан Облак го одрбани шутот со глава на Карим Бензема во првата вистинска шанса и првиот шут во рамките на голот на мечот. Во 90 минута со глава се обиде и Диего Коста во првиот удар во рамките на голот за домашниот тим.

Барселона повторно ослабена за повредениот Лионел Меси, на гостувањето во Мадрид кај Хетафе победи со 2:0. Актуелниот шампион повторно не одигра препознатливо но победи со головите на Луис Суарез во 41 и на 23-от годишниот црномурест шпански бек Жуниор Фирпо во 49 минута. Гостите дуелот го завршија со десет играчи, бидејќи во 82 минута беше исклучен Ленгле.

Гранада со голот на Пуертас во 28 минута славеше дома со Леванте, па до мадридското дерби беше водечка во Примера.

Атлетик Билбао го доживеа првиот пораз сезонава. На својот „Сан Мамеш“ загуби од Валенсија, за која победничкиот погодок го постигна рускиот напаѓач Денис Черишев во 27 минута.

Атлетик е шести со 12 бодови, а Валенсија сега е деветта со девет бодови. На врвот е Реал со 15 бодови а бод помалку имаат Гранада и Атлетико Мадрид, додека Барселона моментално е четврта со 13 бодови. Хетафе е 11-ти со седум бодови.

Во петокот Вилјареал со 5:1 го победи Реал Бетис, а во недела ќе играат Еспањол – Вајадолид, Еибар – Селта Вига, Алавес – Мајорка, Леванте – Осасуна и Севилја – Реал Сосиедад.