Мадуро промовира капки од мајчина душица како чудотворен лек против Ковид-19

21

Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, промовира „чудотворен лек“ за кој тврди дека лечи од Ковид-19 без несакани ефекти, а овие тврдења, сепак, не се поддржани од науката во земјата.

Британските медиуми пренесуваат дека Мадуро пред три дена на телевизија го претстави лекот „Карвативир“, орална суспензија за која самиот тврди дека е тестирана врз пациенти во болница во Каракас и во спортски центар што се користи како привремена болница.

-Лекот мина низ деветмесечни испитувања, тестирања, клиничка примена врз многу болни луѓе кои беа на респиратори и можевме да ги повратиме, рече претседателот Мадуро за време на телевизискиот пренос во неделата.

Течноста, според него, се чудесните капки на Хозе Грегори Хернандез, венецуелски лекар кој живеел во 19 век и минатата година беше прогласен за блажен од Римокатоличката црква, без да ги наведе нејзините активни состојки.

Министерството за информации веднаш не одговори на барањето за коментар.

Лекарите велат дека „Карвативир“ се темели на мајчина душица, растение кое со векови се користи во традиционалната медицина, но чие влијание врз коронавирусот не е утврдено.

Националната медицинска академија во соопштение објавено вчера рече дека „Карвативир“ поседува терапевтски потенцијал против коронавирусот. Но, додаваат научниците во соопштението, попаметно е да се почекаат повеќе податоци од истражувањето за тие да го сметаат за антиковид лек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.