Мафијашко убиство ја потресе Италија

ANSA

Четири лица се убиени во средата во класична мафијашка заседа во италијанскиот регион Апулија, а поради тоа владата во четвртокот беше изложена на серија критики бидејќи ја потценила тамошната „неразвикана“ мафија.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Марко Минити поради инцидентот во четвртокот отпатува во Фоца, за со тамошните локални функционери да разговара за ситуацијата со јавната безбедност.

Четири лица се убиени крај Фоџа среде бел ден, во заседа чијашто главна цел бил кум на локален мафијашки клан. Се претпоставува дека мотивот бил одмазда.

Убиени се мафијашки кум и неговиот возач во еден автомобил а потоа уште двајца сведоци во друг автомобил, кои за жал се нашле на погрешно место во погрешно време.

„Групите на организираниот криминал во Апулија предолго се доживуваат како второкласна мафија“, изјави главниот антимафијашки обвинител Франко Роберто за јавниот сервис RAI во четвртокот.

Таму „вендетите“ меѓу разните кланови се случуваат веќе триесет години, додаде Роберти, наведувајќи дека тоа главно минува „под радарот“.

Како што покажува заседата од средата, апулската мафија во моментов станува поагресивна и понасилна од подобро организираните ‘Ндрангета, Коза Ностра и Камора, додаде Роберти.

Најмоќната од сите овие е калабриската ‘Ндрангета, којашто последните години се рашири ширум светот. Коза Ностра е сицилијанската, а Камора е неаполската мафија, исто така, позната по насилството и суровоста.