Маргарета Втора – последната европска кралица, кралот Фредерик – од пркосен тинејџер до почитуван монарх

Некогаш пркосен тинејџер, сега угледен семеен човек, данскиот престолонаследник Фредерик стана крал во неделата, соодветно олицетворувајќи ја оваа опуштена скандинавска либерална монархија, откако неговата мајка популарната данска кралица Маргарета Втора, го напушти престолот во неделата на 83-годишна возраст, со најдолг мандат меѓу европските владетели и е последната кралица по смртта на британската Елизабета Втора.

Кралот Фредерик, поборник за еколошките прашања, 55-годишникот дискретно се наметна во сенката на неговата исклучително популарна мајка, кралицата Маргарета Втора, која во новогодишното обраќање на телевизија објави дека абдицира од тронот по 52 години на власт. Уживајќи ја поддршката на повеќе од 80 проценти од Данците според неодамнешната анкета, принцот стана крал Фредерик Десетти во недела откако неговата мајка ја потпиша абдикацијата.

„Ќе те следам, како што ти го следеше татко ти“ во водењето на институцијата стара илјада години, однапред вети принцот Фредерик. Тоа ветување дојде со зрелост далеку од неговите младешки лудории.

„Не може да се каже дека беше бунтовник, но како дете и млад човек не се справуваше добро со медиумското внимание и сознанието дека ќе биде крал. Дури во средината на неговите дваесетти тој стекна доверба“, вели за AFP Гите Редер, експерт за данското кралско семејство. семејството.

Осамен и несреќен како тинејџер, Фредерик им забележувал на своите родители затоа што го занемарувале при извршувањето на кралските должности. Утеха бараше во брзите автомобили и жесток начин на живот, а во раните деведесетти важеше за размазен принц кој сака само да се забавува.

Јавноста почна да го сфаќа посериозно откако дипломираше на Универзитетот Архус во 1995 година. Тој е првиот член на данското кралско семејство кој го завршил факултетот. Дел од студентските денови мина и на Харвард во САД, каде се запишал под псевдонимот Фредерик Хенриксен. Тоа лажно презиме му беше посветено на неговиот татко, Анри де Монпезат, француски дипломат кој стана принц Хенрик со бракот со кралицата Маргарета.

Фредерик, кој покрај данскиот зборува англиски, француски и германски јазик, всушност почнал да ја развива својата улога на иден крал дури за време на неговата служба во три гранки на данската војска. Принцот служеше во данскиот марински корпус „Frogman“ (човек-жаба), каде што го добил прекарот Пинго (пингвин) и е еден од само четворицата меѓу 300-те регрути кои ги положиле сите испити во 1995 година. Во 2000 година, тој учествуваше во четиримесечна скијачка експедиција од 3.500 километри низ Гренланд.

Неговата немирна страна го доведе во болница по несреќа со санки и скутер, но неговата популарност вртоглаво порасна, поттикната од забавните трки низ Данска што тој го основаше во 2018 година – Royal Run.

„Фредерик е спортист, посетува концерти и фудбалски натпревари, што го прави уште попристапен од неговата мајка“, објаснува кралската експертка Редер.

„Не сакам да се затворам во тврдина. Сакам да бидам свој, сакам да бидам човек“, изјави своевремено Федерик.

Тој ја запознал својата сопруга Мери Доналдсон, австралиска адвокатка, во еден бар во Сиднеј за време на Олимпијадата во 2000 година. Тие се обидуваат да ги воспитаат своите четири деца што е можно понормално, испраќајќи ги главно во државни училишта. Нивниот најстар син, принцот Кристијан, кој неодамна наполни 18 години, беше првиот член на данското кралско семејство што одеше во градинка.

Двојката постепено презеде многу кралски должности во последните години кога кралицата влезе во осумдесеттите, „но многу бавно и во согласност со нејзиното здравје“, вели историчарот Себастијан Олден-Јоргенсен. Двојката е „модерна и социјално свесна и се љубители на поп музиката, модерната уметност и спортот“, додаде тој. Тие „не претставуваат можна револуција во споредба со кралицата“, туку внимателна транзиција што се прилагодува на времето, вели.

Меѓу другото, Фредерик се залагаше за посилни напори на Данска за изнаоѓање решенија за климатската криза. Тој изјави дека се гледа себеси како дополнување на неговата мајка, сестрана жена која е успешна писателка и уметница.

„Ти сликаш, јас вежбам. Копаш по опскурни предмети од минатото, јас ја наведнував главата за да не ме препознаат кога бев во војска. Ти си мајстор за зборовите, додека понекогаш тие мене и недостигаат“, се пошегува тој на прославата на јубилејот на кралицата.

Маргарета Втора, уметница и тежок пушач, го модернизираше кралството во текот на нејзиниот половина век минати на данскиот престол, на кој стапи кога имаше 31 година, на 14 јануари 1972 година, по смртта на нејзиниот татко Фредерик Деветти. Точно 52 години подоцна, таа му го предаде жезолот на својот најстар син, престолонаследникот Фредерик, откако на новогодишната ноќ ја шокираше нацијата објавувајќи дека ќе абдицира поради нејзината напредна возраст и здравствени проблеми.

„Кралицата Маргарета е многу добар раскажувач, па самата ја раскажа својата приказна“, изјави за AFP Сесили Нилсен, новинарка која го следи кралското семејство на националната телевизија DR. „Таа дури избра и погоден момент за нејзината одлука да се повлече“, додава.

Кралицата изјави дека големата операција на грбот на која била подложена во февруари 2023 година „породила размислувања“ за заминување. Дури и по абдикацијата, таа ќе се вика кралица Маргарет. Го зеде името Маргарета Втора во чест на Маргрете Прва, која владеела со Данска од 1375 до 1412 година, иако официјално ја немала титулата кралица.

Во времето на стапување на Маргарета на престолот, само 45 отсто од Данците се изјаснуваа за кралство, а повеќето сметаа дека тоа нема место во модерната демократија. Сепак, гордата и елегантна Маргарета Втора успеа да се држи настрана од скандалите и да ја модернизира институцијата на кралското семејство, дозволувајќи им на нејзините два сина да стапат во брак со обични мирјани и ограничувајќи ги кралските привилегии. Денес, данското кралско семејство е меѓу најпопуларните во светот и ја ужива поддршката на повеќе од 80 проценти од Данците.

Маргарета беше досега единствената владејачка кралица во Европа, меѓутоа четири земји – Белгија, Холандија, Шпанија и Шведска, имаат женски наследнички на тронот.

Семејството и поданиците ѝ го дадоа прекарот „Дејзи“, а таа со години инсистираше дека никогаш нема да отстапи. „Ќе останам на престолот до последниот здив“, рече Маргарета Втора точно пред десет години. На 82-годишна возраст е видена како се забавува во познатиот забавен парк Тиволи во Копенхаген, со цврсто прицврстена шапка на главата.

Но, и во таков живот имаше сопнување. Нејзиниот сопруг, роден во Франција, принцот Хенрик, беше познат по своето шепурње и честите изливи на бес. Тој постојано го изразуваше своето разочарување што никогаш не ја доби титулата крал откако неговата сопруга стана кралица. Во 2002 година, тој се најде на насловните страници кога побегна во својот замок во јужна Франција, жалејќи се дека не му е покажана доволно почит во Данска. Подоцна изјавил дека не сакал да биде погребан покрај сопругата, бидејќи никогаш во животот не бил рамнорпавен со неа. Хенрик почина во февруари 2018 година, пет месеци откако беше откриено дека боледува од деменција.

Маргарета ја покажа истата непоколебливост во неодамнешната  едиумски популарнаtа кавга со нејзиниот најмлад син, принцот Јоаким, откако во 2022 година ги лиши неговите четири деца од титулите принцови во обидот да ги ограничи кралските привилегии.

Најстарата од трите ќерки, кралицата е родена во Копенхаген на 16 април 1940 година, само една седмица откако нацистичка Германија ја нападна нејзината земја. Данскиот закон за наследување тогаш ги исклучи жените од наследување на тронот. Законот беше изменет во 1953 година со референдум, откако неколку последователни дански влади ја изразија потребата за модернизирање на општеството.

„Таа успеа да биде обединувачка сила за данската нација во време на големи промени, глобализација, појава на мултикултурна држава, економска криза од 1970-тите, 1980-тите и повторно од 2008 до 2015 година и пандемијата“, го резимира нејзиното влијание од историчарот Ларс Ховебаке Соренсен.

Со светли сини очи и широка насмевка, Маргрета е позната по својата опуштена и разиграна страна и нејзината вклученост во данската културна сцена. Сликарка, костимографка и сценографка, соработувала со Кралскиот дански балет и Кралскиот дански театар во многу прилики. Неодамна беше номинирана за данската филмска награда Роберт во категоријата сценографија и костими за нејзината работа на филмот „Ехренгард“ на Netflix.

Се образувала на престижните Кембриџ и Сорбона, а течно зборува англиски, француски, германски и шведски. Таа, исто така, преведуваше драми, меѓу кои и „Сите мажи се смртни“ на Симон де Бовоар. Но, јавноста првенствено ја препознава по слики и цртежи. Таа илустрираше неколку книги, меѓу кои и данското издание на „Господарот на прстените“ од Џ.Р.Р. Толкин, а нејзините слики беа изложени во музеи и галерии во Данска и во странство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.