Магдебург пресилен за Еурофарм Пелистер

Ракометарите на битолски Еурофарм Пелистер доживеаја убедлив пораз од германски Магдебург од 24:32 во првиот осминафинален натпревар во Лигата на Европа.

Магдебург фуриозно го започна натпреварот и поведе со 4:0, додека избраниците на Жељко Бабиќ првиот гол го постигнаа во седмата минута и тоа преку Мараш. Костески веднаш постигна гол со кој намали на 2:4, но одговорот на германскиот тим беше серија од шест гола за водство од 3:10 во 18. минута. Првиот дел заврши со водство на Магдебург од 9:15.

Второто полувреме започна со три гола во низа на Германците, додека на битолчани им беа потребни пет минути за да го постигнат првиот гол за 10:18.

Стипе Мандалиниќ со шест гола беше најпрецизен во редовите на Еурофарм Пелистер, пет даде Граџан, а по три гола дадоа Периќ и Мараш. Во тимот на Магдебург најдобар беше Магнусон со десет гола. Реваншот е за седум дена на теренот на противникот.