Маја Иванова се приклучи кон акцијата „Македонија им чита на децата“

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска учествуваше во акцијата „Македонија им чита на децата“, што се одржа во организација на издавачката куќа „Култура“ и Амбасадата на Република Полска во Македонија.

Иванова и сопругата на полскиот амбасадор во Македонија, Кинга Нетман Мултановска пред книжарницата „Култура“ се дружеа и им читаа на децата од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје, од СОС Детско село и децата со посебни потреби од Здружението „Дајте ни крилја“.

Пред родителите, Иванова упати апел да ги поттикнуваат своите деца да читаат книги, затоа што, како што рече, со секоја прочитана книга добиваат едно бесценето богатство.

„Многу ми е драго што наредните неколку недели познати и истакнати личности од областа на културата, уметноста, музиката и спортот ќе се дружат со децата и на некој начин ќе ја доближат магијата на книгата кон секое дете“, рече г-ѓа Иванова, изразувајќи задоволство што денешниот настан се организира во пресрет на Меѓународниот ден на детето – 1 јуни.

Иванова потсети дека живееме во време кога владеат интернетот и компјутерите и додаде дека секое дете е пред компјутер.

„И од компјутер може секое дете да прочита книга или да го разбере сижето на некоја книга. Сметам дека мислите, убавите зборови од книгата, пејсажите што се опишуваат се доживуваат тогаш ако книгата се држи во раце“, потенцира г-ѓа Иванова.

Следните читања се во јуни со децата без родители и децата со посебни потреби, а се со цел нивна поголема интеграција во општеството. Читањата ќе се одржуваат секоја среда во 18:00 часот и секоја сабота во 11:00 часот, пред книжарницата „Култура“ во Скопје.