Мајка Тереза е една од најсилните врски со Индија

Премиерот Никола Груевски во Калкута ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза каде се наоѓа вечното почивалиште на Мајка Тереза и каде таа живеела и дејствувала во Индија.

Тој им се заблагодари за гостопримството на мисионерите кои го продолжуваат нејзиното дело, притоа истакнувајќи дека Мајка Тереза е родена во Скопје и оти таа е една од најсилните врски со Индија.

Во чест на нејзиното дело и во центарот на Скопје е изградена Спомен куќа. Локацијата не случајно е избрана, бидејќи на тоа место порано се наоѓала црквата во која Мајка Тереза е крстена. Во Спомен куќата се изложени слики и експонати од оваа хуманитарка, а има и капела каде верниците можат да присуствуваат на миса.

Мајка Тереза е добитничка на Нобеловата награда за мир. Родена е во Скопје како Агнеза Гонџа Бојаџиу, а во 1928 година заминува за Индија каде се приклучува на редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во 1946 година на едно од патувањата низ Калкута го почувствувала Божјиот повик да им помага на сиромашните и две години подоцна добива дозвола да го напушти редот. Оттогаш живее со најсиромашните во предградијата на Калкута каде се посветува на добротворна работа помагајќи им на болните и сиромашните луѓе. Во 1950 година го основа редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“.

kalkuta1

Подоцна овој ред беше признат од страна на папата и беше под негова контрола. Мајка Тереза со редот посебно се грижеше за лица што беа пред смрт, сирачиња и болни, посебно за оние од лепроза.

kalkuta2

Денес редот на Мајка Тереза брои над 3000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот. За нејзиното несебично дело таа доби голем број награди.

kalkuta3

Премиерот Груевски, кој со владина делегација е во посета на Индија, посети и сиропатилиште, кое е во сопственост на центарот Мајка Тереза.