Мајка Тереза в недела ќе биде прогласена за светица

Мајка Тереза, добитничката на Нобеловата награда за мир и една од највлијателните жени на католичката црква, в недела, 19 години по смртта, ќе биде прогласена за светица. Македонија во последните неколку години оддава значително внимание на ликот и делото на Мајка Тереза како лик кој обединува и се направија многу чекори за нејзина популаризација.

Прогласувањето на плоштадот Св. Петар ќе го изврши папата Франциск, а се очекува на тој чин да присуствуваат стотици илјади верници. Мајка Тереза најголемиот дел од животот го помина помагајќи им на сиромашните во Калкута. Та апочина на 5 септември 1997 година, во 87 година од животот. Нобеловата награда за мир ја доби 1979 година, поради нејзината хуманитарна работа.

Родена е на 26 август 1910 како Агнес Гонџа Бојаџиу во Скопје. Името Mајка Tереза го носи од 18-тата година. Во Индија се преселила на 19 години – 1929 година, а во 1946 го основа редот „Мисионерките на милосрдието“ кој сега во над 130 земји обединува 4 500 сестри. Половина век мајка Тереза во Калкута и во други делови на светот им помагаше на болните, сиромашните, сираците.

Mother-Teresa-Love-For-Children

Папата ќе ја прогласи за светица откако Ватикан и призна две чуда – двете поврзани со излекување на болни – едно во Индија, друго во Бразил.

Кон крајот на 2002 Ватикан признал дека една жена од Индија која имала тумор на стомакот, оздравела откако и се молела на мајка Тереза. Минатата година во декември признаено е и другото чудо – оздравувањето на Бразилец кој во 2008 се опоравил од тешка инфекција на мозокот. Се очекува тој Бразилец со сопругата да присуствува на прогласувањето на мајка Тереза за светица.

Кога ја примала Нобеловата награда за мир, мајка Тереза рекла: „Не сум достојна“ – потсетува Ројтерс.

„Мала по раст, голема во верата, на мајка Тереза и е доверена мисијата на ширење на божјата љубов кон човештвото, посебно за најсиромашните. Канонизацијата е можност да се угледаме на хероината на христијанството и извонреден пример на христијанскиот живот“ – соопшти Ватикан.

57_big

Македонија оддава значително внимание за ликот и делото на Мајка Тереза 

Во последните неколку години во Македонија се оддава значително внимание на ликот и делото на Мајка Тереза. Се направија многу чекори за нејзина популаризација како изградба на спомен куќата,  автопатот од Скопје до Струга и границата со Албанија се именуваше по нејзиното име, главниот клинички центар во државата се крсти по нејзиното име, се снимаше докумнетрарен филм за нејзиниот лик и дело, како и низа други чекори.

Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопке е направена во чест на животот и делото на единствената нобеловка од Македонија. Локацијата не случајно е одбрана бидејќи на таа локација порано се наоѓала црквата во која Мајка Тереза е крстена. Во музејот се изложени слики и експонати од најпознатата хуманитарка, а најгоре е направена капела каде верниците можат да присуствуваат на миса. Секојдневно доаѓаат многу туристи.

Во центарот на Скопје се гради скулптирална композиција на Мајка Тереза и сестрите која ќе биде следна  атракција за туристите во Скопје и Македонија.  Веќе почнуваат да се наѕираат контурите на фонтаната и споменикот. На терен се работи секојдневно под полна пареа и покрај високите температури. Пристапот до плоштадот во овој реон е затворен, па е изведен соодветен премин покрај новата зграда на Комерцијална банка. Од Министерството за култура велат дека се работи активно, според предвидената динамика.

49f7802e3fa6cd46a7ba04b5e18aa962

Изведувачот треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, на милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи.  Фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин, со што ќе се добие изглед на природна карпа. Во карпестата фонтана ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи, милосрдна сестра со болен што лежи и милосредна сестра со болен што седи на карпа.

На објектот, пак, на висина од 16,5 метри ќе бидат поставени централен ангел со крилја висок 3 метри, 4 ангели што седат со висина од три метри и 4 мали ангели со висина од 2 метри. Предвидено е објектот да има и тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар. Објектот ќе има и столбови.

Автопатот од Скопје до Струга и границата со Албанија се именуваше по нејзиното име, вклучувајќи ја и обиколницата околу Скопје. Владата уште во 2013-та година одлучи Коридорот 8 да се именува според големата хуманитарка и нобеловка. Коридорот 8 ја поврзува Македонија со Албанија и Бугарија (Струга-Охрид-Кичево-Тетово-Скопје-Куманово-Крива Паланка).

majka-tereza

Главниот клинички центар во државата се крсти комплекс клиники „Мајка Тереза“. Дополнително, еден од главните булевари, Водњанска, се именуваше Мајка Тереза. Исто така, се снимаше документарен филм за Мајка Тереза во режија Теона Митевска, а државата даде поддршка на поголем број книги и монографии за неа.

Се поставија повеќе од 40 табли на многу објекти/згради низ Скопје на кои се испишани нејзини мисли, на македонски и англиски, се именуваше плоштадот пред платото на МОБ  по нејзиното име, нејзинот споменик  е вметнат и во спотот за Скопје кој оди неколку години на светски познатата телевизиска мрежа СНН, мостот кај МАНУ се именуваше Мајка Тереза. Исто така, по нејзиното име се именуваа и повеќе спортски објекти во Аеродром, Теарце, Тетово.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.