Мајорка отвора хотел само за жени

Туристките коишто во иднина ќе го посетат познатото шпанско одморалиште Мајорка од скоро ќе можат да престојуваат во котел којшто ќе биде резервиран само за жени.

Хотелот ќе започне да работи во април 2019 година, и ќе има 39 апартмани, а се наоѓа во Порто Кристо, околу 60 километри источно од Палма де Мајорка. Му припаѓа на хотелскиот синџир „Som“.

„За нас не станува збор за женските права или за феминизам, туку само за одговор на зголемената побарувачка“, изјави директорот на синџирот, Жоан Енрик Капеља во интервјуто за локалниот весник кој излегува на германски јазик Mallorca Zeitung.

Според него, се’ повеќе жени патуваат сами или исклучиво во женски групи. И понекогаш тие сакаат така целосно да го минат одморот.

Хотелот „Som Dona“ ќе има женски персонал, а апартманите ќе може да ги резервираат само женски лица над 16-годишна возраст, со што воедно ќе стане хотел и само за возрасни лица.

Запрашан дали ќе биде отворен и хотел само за мажи, Капеља одговара дека засега тоа не е предвидено, но и оти тоа е можбно во иднина, доколку има таква побарувачка.