Македонците имаат најниски плати, а плаќаат најскапи патарини

Дали се евтини или скапи патарините кај нас, во споредба со европските и другите соседни земји? Да, ако се има во предвид дека Македонците имаат најниски плати во Европа, но и во регионот. Сите возачи се согласни дека плаќаме премногу за користење на автопатиштата низ земјава, при просечна плата од 400 евра, според статистиката, иако поголемиот дел од вработените земаат минималец од 200 евра месечно.

Со просечна плата во земјите на ЕУ од 1.000 евра, некаде и двојно повеќе, Европјаните издвојуваат незначителна сума за патарини, односно вињетки и тоа за неограничен пат поминувања по автопатиштата.

Додека во повеќе европски држави или не се наплатува користењето на автопатиштата или се плаќаат во просек 50 евра за годишна вињетка, односно неограничено возење, исто толку се наплатуваат во Македонија за пет патувања, од Скопје до граница со Грција, на пример

Пред два дена беше пуштена во употреба најскапата патарина во земјава, на автопатот Демир Капија-Смоквица која чини 100 денари за патничко возило во еден правец. На втората патарина на истиот овој автопат која треба да почне со наплата следната година ќе се наплаќа 80 денари. Со оваа давачка, за пат од Табановце до граничниот премин Богородица ќе треба да се издвојат 340 денари за еден правец или 680 денари, 11 евра, за двата правци, одење и враќање.

Од неодамна на неколку наплатани рампи во земјава стартуваше електронскиот начин на плаќање на патарини, при што можат да се добијат цели 7 отсто попуст на цените.

За споредба, користењето на патиштата во Европа во некои земји се наплаќа со поставување на патарини или со вињетки. Тоа се стикери кои се добиваат на влез на секоја земја и треба јасно да бидат залепени на предното стакло на возилото. Доколку заборавите или не платите за вињетка, камети го снимаат поминувањето на возилото и се наплатуваа големи казни.

Во нашето поблиско соседство само во Бугарија се користат вињетки што се купуваат на самата граница и поголемите бензински пумпи.

Во другите земји, Грција и Србија се плаќа патарина на одредени делници, а нема патарина само во Албанија.

Од европските земји само во Албанија, Белгија, Данска, Црна Гора, Естонија, Финска, Германија, Летонија и Литванија не се плаќа патарина за користење на автопатиштата. Патарина се плаќа во Франција, Норвешка, Полска, Португалија, Србија, Шпанија, турција, В.британија, Грција, Ирска и Италија.

Во Шведска вињетките за патнички возила се воведени од февруари 2015 година, за патиштата околу најголемите градови (Гетеборг, Малме и Стокхолм). Цената е околу 6,4 евра неделно, а ги наплатува транспортна агенција на одредено подрачје со испраќање на сметка на домашна адреса.

Колку чинат вињетките во европските земји за патнички возила до 3,5 тони, за неограничено возење по патиштата ?

Цена на вињетка во Австрија за десет дена чини 8,90 евра а за цела година 86,40 евра. Во Бугарија за седум дена е 8 евра, за година 50 евра. Во Чешка, за 10 дена вињетка чини 11,5 евра, а за една година 52 евра. Во Словачка за патнички возила до 3,5 тони се плаќаат 10 евра за 10 дена, а 50 евра за година, во Унгарија за 10 дена вињетка чини 2.975 унгарски форинти, или околу 8 евра, а за една година 42.980 фиринти. Романија наплаќа за вињетка 3 евра за 7 дена, а за година 28. Во Словенија за 7 дена треба да се платат 15 евра за вињетка, а за една година 55, а во Швајцарија за една година вињетка чини 33 евра.

Инаку, за седум месеци од годинава државава има инкасирано 23 милиони евра од наплата на патарини, а лани успеало да инкасира 40,5 милиони евра. Податокот не би требало да изненадува, ако се земат во предвид цените на патарините во земјава. Проекциите на Јавното претпријатие за државни патишта, ЈПДП, се континуирано зголемување на приходите до крајот на годинава, која според нив ќе биде рекордна во остварување на приходи од 32-годишното постоење на наплатните станици.

Цените на патарините за патничките возила изнесуваат :

  • Куманово-Миладиновци – 60 денари
  • Скопје-Миладиновци или Петровец – 40 денари
  • Петровец-Велес – 80 денари
  • Велес-Градско – 60 денари
  • Скопје-Тетово – 2×40 денари
  • Тетово-Гостивар – 2×30 денари
  • Градско-Демир Капија – 80 денари
  • Демир Капија-Гевгелија – 100 денари
  • Миладиновци-Свети Николе – 70 денари
  • Свети Николе-Штип – 50 денари
  • Миравци-Демир Капија – 60 денари
  • Миравци-Гевгелија – 50 денари
  • Смоквица-Демир Капија – 70 денари
  • Смоквица-Гевгелија – 30 денари, плус новата патарина Демира Капија – Смоквица која се наплаќа по 100 денари.