Македонците може да се ревакцинираат со „AstraZeneca“ во Србија само во градот каде ја примиле првата доза

Државјаните на  Македонија кои деновиве доаѓаат на ревакцинација во Србија, и кои пред три месеца, односно на 27-ми и 28-ми март, ја примиле првата доза на вакцината против коронавирусот на „AstraZeneca“ ќе можат да се ревакцинираат само во градот во кој ја примиле првата доза, јави доспиникот на МИА од Белград.

„Сите оние кои првпат се вакцинираа во Белград, ќе мора на ревакцинација да дојдат во Белград. Така ни е речено од Белград и ние тоа мора да го почитуваме. Знам дека на Македонците полесно им е втората доза да ја примат во Ниш, но од Министерството ни објаснија дека постојат технички проблем тоа да се реализира“, изјавил за Нишке вести директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан.

Додал дека во последните два дена веќе се ревакцинирани околу 800 државјани на Македонија.

„Сите кои во Ниш ја примиле првата доза ќе можат да ја примат и втората доза, нека не се грижа“, рекол Јеркан, според кој, во Ниш веќе се набавени и има вкупно 6.500 дози од вакцината на „AstraZeneca“ за македонските граѓани.

Додал дека луѓето не треба да брзаат и дека до вторник можат да дојдат во Ниш да ја примат вакцината.

Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ изјавил  дека 13.000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат на Белградскиот саем, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 седмици од првата доза.

„Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8.000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5.000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем“, изјавил Бекиќ за телевизијата К1.

Додал дека за викендот ќе бидат отворени салите 3 и салата 11, а работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот