Македонците повторно му се вратија на Сонцето!

Пишува: Презвитер Ивица Тодоров

До земјата македонска ли е на која се раѓаме, се храниме, живееме, на Бога му се молиме, каде што телата на упокоените ги сохрануваме до воскресението на мртвите, каде вода студена пиеме, каде милно сонце не следи од првиот здив до последниот издив, до архетипот ли е, до колективното и свесно и несвесно ли е, тоа само Бог го знае, но народот македонски, по вековно скитање, му се врати на СОНЦЕТО, на СОНЦЕТО што изгрева силно за да и Македонците повторно изгреат, но не за да горат, туку живот, смисла и светлина да даруваат на овој Балкан злобен, Богоотфрлен и мрачен!

ОД ДЕН ВО ДЕН старото државно знаме на Република Македонија со формата на СОНЦЕ – во иста или приближна форма со векови присатно по целата територија на Македонија (Старо Бонче – Пелагонија/ Кутлеш – Беломорска Македонија/ Виничко кале/ Самоилова тврдина…) – СЕ ПОВЕЌЕ станува семакедонски симбол на препознатливост, обединување, вреднување, но и СИМБОЛ на борбата за македонски правдини и човечки вредности!

ДЕНЕС Македонците се собираат околу „СОНЦЕТО“ за да кажат едно категорично и јасно „НЕ“ на самоуништувањето, но и на надворешните притисоци за наше уништување, „НЕ“ и за демотивирањето, понижувањето, немилосрдниот криминал, неправдата, владеењето на потпросечните, ИЗРОДИТЕ, себеугодливците, завидливците, неспособните и одработувачите!
ДОСТА БЕШЕ! КРАЈ!

СОНЦЕТО е извор на постоење, затоа што е извор на светлина и топлина, а МАКЕДОНЦИТЕ се решени да опстојат, постојат и ГРЕАТ, и за себе и за другите околу себе!
Македонците се решени секогаш да бидат со СВЕТЛИНАТА зашто само таа овозможува ТОПЛИНА, СМИСЛА и СИЛА во животот и постоењето!

НО ПРЕД СЕ И НАД СЕ современите Македонци во „СОНЦЕТО“ ја гледаат творечката сила и љубовта на ТВОРЕЦОТ на се што постои, на Оној кој за сите нас стана „СОНЦЕ НА ПРАВДАТА“!

„Зашто, ете, ќе настапи ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што доаѓа, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња.
А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее СОНЦЕТО НА ПРАВДАТА, и исцеление ќе има во зраците негови…..“
(Стар Завет/ пророк Малахија. 4, 1 – 2 )

ваш брат и слуга, о. Ивица Т.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.