Македонците со најниски плати во регионот

Македонците земаат најниска плата во регионот, а Словенците највисока, јавува турската агенција „Анадолија“. Статистичките податоци покажуваат дека просечната нето плата за мај во земјава е најниска споредено со државите од поранешна Југославија.

Просекот на исплатени нето плати во Македонија изнесува 24.509 денари, односно 397 евра.
Просекот на нето платите е највисок во Словенија. Таму граѓаните земаат по 1.078 евра. Следуваат Хрватите со просечна плата од 867 евра. Потоа Црна Гора со 511, Босна и Херцеговина 448 и Србија со 426 евра.

Но, и растот на платите во апсолутна вредност во Македонија речиси најспоро напредува. Споредено со крајот на минатата година, најголем раст на платите бележи Хрватска. Таму граѓаните сега земаат по 71 евро повеќе отколку пред шест месеци. Следуваат Србија, Словенија и Босна и Херцеговина.
Во Македонија за шест месеци просечната плата пораснала за само десет и пол евра. Единствена држава што заостанува зад нас е Црна Гора. Но, иако таму платата во мај годинава, споредено со декември 2017 година, е непроменета, Црногорците во просек земаат по 115 евра повеќе од Македонците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.