Македонец од Франција воведува нова дејност во Македонија

Давид Цуклевски по потекло е Македонец кој е роден и образован во Франција, но одлучил да се врати во Македонија и тука да ги пренесе искуствата што ги стекнал таму.

Овој 25 годишен економист, чии родители се по потекло од гевгелиско, но животот го поминале во Франција, има за цел во Македонија да донесе повеќе новини од областа на економијата, или на т.н. економија на општествено споделување (social sharing economy), а веќе работи на еден таков проект во земјава.

Во разговор за Нетпрес, Давид вели дека во Франција завршил прв циклус студии на престижниот Универзитет Сорбона од областа на економијата, а таму завршил и втор циклус студии, односно мастер, од областа на финансиите. Исто така, во рамки на студиите таму, редовно одел на пракса, каде се стекнал со поголем број знаења и со искуство во областа на работата на берза и со акциите.

Но, како што вели, секое лето престојувал во Македонија и одлучил да се врати кон корените и да се врати во татковината.

Со оглед на тоа што доаѓам однавдвор јас имам малку поинаков поглед на нештата во Македонија и може да кажам дека сум малку повеќе оптимист, па така согледувам дека има некои работи што ги нема во Македонија, а има можности да се воведат истите. Во Македонија има целосни пазари што сеуште не се развиени и не се ниту креаирани. Затоа прво треба истите прво да се креираат, а потоа и ќе се развијат, за кои што реално има потреба, вели тој и додава дека има одредени услуги што луѓето ги бараат и постои одредена понуда за нив, но се изработуваат со стара технологија.

Во моментов Давид заедно со уште двајца ентузијасти работи на проект во Македонија, што ќе претставува новина на македонскиот пазар. Станува збор за проект од областа на економијата на општествено споделување, што, како што вели тој самиот, ќе претставува еден вид вовед и тест за тоа колкави се потенцијалите за развој на ваков тип економија во Македонија и „отскочна“ штица за низа други проекти и новини.

Тој во моментов работи на проект во транспортот, а истиот ќе биде еден вид на споделување на трошоците за превоз при патувањата низ Македонија. За овој проект Давид, рече дека ќе говори малку повеќе наскоро, кога истиот и ќе финишира. Во моментов проектот е во завршна фаза, а се очекува да биде готов во текот на оваа или во текот на следната недела.

Во однос на тоа што е економија на општествено споделување (social sharing economy) Давид појаснува дека станува збор за економија без никаков профит, а чија што главна цел е користа што ја има самото општество, односно граѓаните.

Интересно, но од она што го откри то,ј станува збор за проект што тој самиот во целост ќе го финансира, а како што вели воопшто не ги разгледал моменталните активни мерки за поддршка на стопанството и на бизнисот во земјава.

Според мене мислам дека во која држава и да си не треба да очекуваш дали државата ќе те вработи или ќе ти даде работа, или ќе те подржи. Треба сам да се потрудиш. Јас мислам дека тоа повеќе е и до културата. Во Франција младите што учат  мора да работат во меѓувреме за тоа што родителите не им даваат пари за кафе и сакаат уште од помлада возраст да ги навикнат да бидат автономни граѓани, а тука кога почнавме да бараме студенти за работа на проектот, многу млади беа заинтересирани, но нашиот проект им се чинеше несигурен, а ние сме свесни дека тие бараат работа по банки и посигурни работни места, вели тој.

Но, тој тука го поставува прашањето, зошто некој по завршување на образованието веднаш би барал работа за „да се затвори“, како што вели, без претходно да ги истражи можностите и потенцијалите што му се нудат. Како што потенцира, човекот треба секогаш прво да ги истражи можностите и да стекне што е можно повеќе искуство.

Тоа е секаде така и тука и во Франција. Осумдесет отсто од студентите сметаат дека ќе завршат Факултет и дека со тоа завршиле, но треба секој ден малку по малку да читаш нешто, да се надоградуваш, весници, стручни книги, економски текстови… На пример, еден човек што завршил Информатичка технологија во 98-мата година и застанал на неговото ниво и работа, ако не следи редовно што се случува, во 2016-тата година за него ќе нема никаква разлика. Значи тој незнае веќе што се случува, незнае ниту паметен телефон да вклучи, а исто е и во економијата. Неможе да се спореди светот од 19-иот и во 20-иот век, вели Цуклевски.

Со Давид малку повеќе поразговаравме и за актуелната политичка состојба во земјава, и за тоа кое е неговото мислење, како оваа криза се одразува врз економијата. Иако, ни нагласи дека не сака премногу да говори за политика, тој сепак рече:

Тука луѓето многу се занимaваат со политика, во секој случај треба да се продолжи со работа, може да има и протести и демонстрации, но човекот што има проекти и што има надеж, што сака да профитира, нема време да обрне внимание на нив, тој е фокусиран на една работа и мора да продолжи. Тој не гледа кој е на власт, тој си ја гледа својата работа. Тој тргнува од една точка А и има за цел да стигне до една точка Б. Во Франција има и многу полоши протести од овде, тоа се хулигани, кршат се што ќе стигнат.

На прашањето колку влијаат немирите и протестите врз економијата Давид вели:

Секако дека влијае тоа на економијата. Дава многу лоша слика за државата… И уште повеќе затоа што паузира голем број проекти. Има голем број луѓе, што имаат проекти, за фабрики, инвестиции што чекаат дали ќе се смири ситуацијата. Затоа што ако се смени власта, тие се загрижени дека ќе се променат законите, а со тоа нема да ги имаат повеќе истите можности…