Македонија ја прими донацијата од Грција од 100.000 вакцини „АстраЗенека“

Во земјава пристигна донацијата на Грција. 100.000 вакцини на производителот „Астра Зенека“ денеска беше примена од македонските здравствени власти.

-Донацијата е на лична иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, што му ја има ветено на нашиот претседател на Владата Зоран Заев. Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ, владата на Република Грција и амбасадорот на Грција во нашата земја, Н. Е Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините, информира министерот за здравство Венко Филипче.

Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно нашата стратегија за вакцинација.

-Вакцинацијата забрзува и од понеделник сите граѓани ќе може без закажан термин да се вакцинираат, потсетува Филипче.