Македонија беше на чекор до изненадување против Италија

Иако македонската кошаркарска репрезентација имаше предност од 1 поен разлика (64-63) по три четвртини од квалификацискиот меч против Италија во руски Перм, сепак на крајот доживеа пораз. Италија славеше триумф со 92-84 во мечот од групата Б од квалификациите.

Првото полувреме од квалификацискиот меч за пласман на Европско првенство и припадна на Македонија со 43:41, и да не беа последните неколку минути во кои Италијанците постигнаа две тројки, на паузата ќе заминевме со поубедлива предност.

Во првото полувреме Македонија во нападот го имаше извонредниот Ненад Димитријевиќ со 19 поени. Беше следен од Бојан Трајковски и атрактивниот натурализиран Македонец, Џејкоб Вајли.

Во третата четвртина на паркетот имаше рамноправна игра, па на почетокот на последниот период Македонија влезе со +1.

Сепак последниот период им припадна на противниците кои беа поконцентрирани во нападот за конечни 92-84.

Кај Македонија Димитриевиќ постигна 24 поени, Џејкоб Вајли броеше до 17, Војдан Стојановски имаше 15, а Бојан Трајковски средбата ја заврши со 11.

Кај победничката репрезентација се истакна Теситори со 18, а го следеше Спису со 13.

За нив ова беше четврти триумф во исто толку мечеви, додека Македонија останува на последната позиција со 0 бодови по три одиграни натпревари.

Во истата група втора на табелата е селекцијата на Русија со 2 победи и 2 порази, додека Естонија има скор 1-2 по три одиграни меча.

Наредниот меч „црвено-жолтите“ го играат утре од 15:30 часот по македонско време против домаќинот Русија.