Македонија ќе испрати нова помош за Украина

Владата денеска на затворена седница ќе донесе одлука за нов пакет помош за Украина, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски, на форумот во МНР по повод 75-годишнината од НАТО .

Мисајловски рече дека Македонија ќе се приклучи на барањата од другите земји членки на Алијансата и на ЕУ да продолжи да го помага одвраќањето на руската агресија во Украина.

Министерот не прецизираше што ќе содржи помошта за Украина. Тоа ќе биде соопштено по владината седница.

„Ќе продолжиме да помагаме. Затоа сме пријатели. Помош ќе има и во иднина според можностите на Македонија“, порача министерот за одбрана.

Мисајловски најави забрзана модернизација на македонската армија, за што идната година одвојувањата ќе бидат над два отсто од БДП, што според министерот, е сериозна сума на пари.

Министерот посочи дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но, постои ризик од активирање на балканската бегалска рута по последните воени случувања на Блискиот Исток.