Македонија е на рускиот список на непријателски земји во друштво со Црна Гора, Бугарија, но и дваесетина држави во светот. Руската влада го состави списокот на барање на претседателот Владимир Путин, а таму се и: Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Македонското МНР е информирано за новиот тек на настаните, а министерот Бујар Османи изјави:
– Ние сме информирани официјално за променет став во однос на нашата држава. Нашата позиција во контекст на оваа агресија е јасно искажана и ние ќе се придружиме на сите одлуки на ЕУ.
Шефот на македонската дипломатија рече и дека државата по ова прашање нема да превземаа билатерални одлуки, туку ќе делува само по основа на координација со ЕУ.
„Претходно споменатите земји и територии воведоа или се приклучија на санкциите против Русија по почетокот на специјалната воена операција на вооружените сили на РФ во Украина“, се вели во одлуката.
Османи на вонредниот министерски состанок на НАТО кој се одржа на 4 март поттикнал иницијатива за обид за комуникација со рускиот народ и нивно повикување да се здружат во осуда и спречување на воената агресија во Украина. Таа иницијатива, како што информира Османи на денешниот брифинг, е споделена преку нон-пејпер од страна на МНР до останатите држави во рамки на ОБСЕ, НАТО и ЕУ.
– Додека светот го изолира режимот политички и економски со сите свои средства, нашиот став е дека треба да се охрабрат општествата да комуницираат со руското општество и да ги повикуваат и тие да бидат дел од разумното размислување на целиот свет кој најдобро се одрази на самото гласање во генералното собрание на ОН, а тоа е да ги охрабриме универзитетите да комуницираат со универзитетите во Русија, да ги охрабриме здруженијата на лекари со оние во Русија, новинарите со новинарите, невладините организации со невладините, сите општествени сектори, бидејќи очигледно таму се води пропаганда за изолирање на општеството од тоа што се случува во Украина – нагласи Османи.
Тој информираше и дека оваа недела покренал и иницијатива за состанок со министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан во Скопје.
– Испратив писмо до моите колеги министри за надворешни работи на земјите на Западен Балкан со цел да бидат поканети на состанок во Скопје за да разговараме за вулнерабилноста на Западен Балкан визави оваа воена инвазија во Украина, предизвиците со кои може да се соочи регионот, можноста за бран на бегалци, подобра координација меѓу земјите, можност да комуницираме во реално време во случај на каков било предизвик кој може да се случи во регионот. Се надевам дека шесте земји ќе можеме да го органзиираме овој состанок што побрзо во Скопје – рече Османи додавајќи дека веќе имаме позитивен одговор од Црна Гора.