Македонија ќе плаќа парична оштета за двајца починати затвореници, одлучил Европскиот суд за човекови права

Македонската влада треба да плати 24.000 евра оштета на семејства на двајца затвореници Роми, кои под сомнителни околности починале во затвор во земјава во 2017 година, одлучил Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Според информацијата, била постигната спогодба меѓу Владата и претставници на семејствата на починатите затвореници.

Дваесет и едногодишниот Адриас Реџепов, умрел во скопскиот затвор Идризово на 11 март, 2017 година. Беше известено дека умрел од предозирање со метадон, иако не бил зависник од дрога. Постојат докази дека во часовите пред неговата смрт, Реџепов бил изложен на тортура. Неговите родители ќе добијат оштета од 12.000 вкупно, секој по 6.000 евра.

Јусинов Ердал (25), умрел на 22 март 2017 година во затворот во Штип, откако во часовите пред неговата смрт не му била обезбедена медицинска нега. Јусинов бил женет и татко на тригодишно момче и едногодишно девојче. И во овој случај постојат наводи дека бил малтретиран од страна на затворските чувари и лекари. Неговата сестра ќе добие оштета од 12.000 евра, се вели во информацијата до јавноста на Европскиот центар за права на Ромите.

Овие случаеви се дел од серијата на четири сомнителни смртни случаи на затвореници Роми, во период од девет месеци во 2017 година, во неколку затворски установи во Македонија.

„Цела Македонија треба да го смета секој од овие трагични смртни случаи како срам за нивната земја. Ова е трет случај во псоледните години во кој ЕЦПР ја тужеше Македонија и обезбеди илјадници евра како компензација за семејствата на починатите – и ќе продолжи да ги истражува сите слуачеви на сомнителна смрт и да презема правни дејствија ако властите одбиваат да преземат одговорност за нивните пропусти. Од 2017 година, ваквите грешки ги чинеа македонските даночни обврзници повеќе од 33.000 евра во исплатени штети, а ЕЦПР има и други случаи кои чекаат разрешница. Ова треба да биде порака за одговорните дека институционалната дискриминација е скапа,а  ние ќе се осигураме тоа скапо да ве чини“, се вели во изјавата на претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.

Иако пријателската спогодба значи дека нема да се донесе пресуда за осуда на надлежните власти во Македонија, исплатата на оштета во ваков износ во одредена мера ја адресира сериозноста на човековите права што беа повредени и може да се смета како премолчено признание на вина од страна на Владата на Македонија, соопштува ЕЦПР.