Македонија ќе се задолжи со нови заеми од 140 милиони евра кај меѓународни институции

Пратениците во рамки на денешното продолжение на 136. седница го изгласаа Предлог законот за задолжување со заем кај Фондот за меѓународен развој на Организацијата на земјите извознички на нафта по Договорот за заем за Програмата за одржливост и отпорност, по скратена постапка.

Како што стои во образложението за Предлог законот објавено на веб страната на Собранието, вкупната вредност на заемот од Фондот за меѓународен развој на ОПЕК изнесува 50.000.000 евра. Рокот на отплата е 10 години, со вклучен грејс период од две години. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1,7 проценти. Заемот ќе се отплаќа во 16 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15-ти јануари и 15-ти јули секоја година, почнувајќи од 15-ти јануари 2026 година.

-Република Северна Македонија ќе му плати на Фондот за меѓународен развој на ОПЕК еднократна провизија во износ од 0,25 проценти од износот на заемот. Оваа провизија за овој заем изнесува 125.000 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот. Република Северна Македонија ќе му плаќа на Фондот за меѓународен развој на ОПЕК провизија во висина од 0,25 проценти од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво, стои во образложението.

Во рамки на 131. седница пратениците ги донесоа и Предлог законот за задолжување со заем кај Кредитната банка за обнова (КфВ) и Предлог законот за задолжување со заем кај Европската Унија по договор за заем за макро-финансиска поддршка, двата во скратена постапка.

Вкупиот износ на заемот од КфВ е 90.000.000 евра и тој ќе се повлекува во една транша. Рокот за отплата е 12 години и пет месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка ќе се утврдува за траншата од заемот при нејзино повлекување.

-Република Северна Македонија ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 0,5 проценти од износот на заемот. Република Северна Македонија ќе и плаќа на Кредитната банка за обнова – КфВ провизија во висина од 0,25 проценти од неповлечениот дел од заемот, стои во образложението на Предлог-законот.

Вкупната вредност на заемот од макро-финансиска поддршка (МФП) е 100 милиони евра, кои ќе се реализираат преку две транши, секоја во износ од 50 милиони евра, во период од две години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.