Македонија е високо задолжена држава и со тоа е ризична земја

Задолжувањето  во минатото беше доста често експлоатирано кога СДСМ беше опозиција, тие креираа една претстава во јавност дека државата штотуку не банкротирала, а за потсетување тогашниот долг се движеше некаде околу 48% од БДП. Што значи дека Македонија во тој момент кога СДСМ бил во опозиција била во рангот на среднозадолжени држави кои што се препорачливи во земјите во развој, за да се раздвижува економската активност на државата. За само три – четири години откако се на власт тие освен тоа што ги трошат парите од домашното стопанство, од прибраните даноци, трошат пари кои што се скапо платени односно идните генерации скапо ќе ги плаќаат по основ на задолжување, истакна Иван Јорданов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во гостување на утринската програма на Алфа телевизија.

Јорданов додаде дека за овој краток период долгот надмина 62% во однос на БДП. А, ова Република Македонија ја рангира во високо задолжени држави и со тоа нашата држава е ризична земја.

-Задолжувањата кои што ги практикува оваа Влада се во насока на тоа дека можат да се користат за полесно справување со пандемијата и економската криза. И практично преку тие четири, па еве се најавува и петтиот сет на мерки кои што имаат за цел поддршка на стопанството. Компаниите, стопанството, граѓаните требаше да добијат поддршка од државата. Од една ипол милијарда евра кои што се позајмија, кои што не се од домашното стопанство по основ на прибрани даноци и на слични приходи, туку се позајмија и за тие средства и сега некој друг треба да води грижа како ќе се враќаат тие позајмени пари. Се потрошија во непродуктивни цели, рече Јорданов.

Јорданов посочи дека во кризна година кога домашното стопанство е на колена, кога 150.000 граѓани останаа без работа, 6.000 компании се затворија, власта се одлучи да се задолжува и да троши на непродуктивни цели.