Македонија го задржа кредитниот рејтинг на „Фич“ „ББ+“ со негативен изглед

Република Северна Македонија го задржа кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед кој е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс. Кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед е потврден во најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“.

За Република Северна Македонија е особено значајно што кредитниот рејтинг кој е резултат на спроведувањето на добрите политики е задржан во услови на големо влијание од глобалната ценовна и енергетска криза.

„Фич“ во извештајот наведува дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, со што ќе се избалансираат негативните влијанија од конфликтот во Украина.

Како што соопшти Министерството за финансии, Агенцијата предвидува дека интензивирањето на ефектите на енергетската криза и очекувањата за контракција во еврозоната да влијаат врз растот на македонската економија, кој ќе остане во позитивна зона, а со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, подобрување на надворешната побарувачка, како и со постепената фискална консолидација се очекува растот на економијата да забрза и да достигне 3,2 проценти од БДП во 2024 година.

Агенцијата предвидува зголемување на странските директни инвестиции до 4 отсто од БДП во 2022 година поради континуираните инвестиции во енергетскиот и автомобилскиот сектор.

Според „Фич“ владините реформи, како и поддршката на ММФ преку Линијата за претпазливост и ликвидност (PLL) ќе ја зајакнат фискалната консолидација, што би довело до намалување на фискалниот дефицит и стабилизација на долгот. Усвојувањето на новиот Закон за буџети ќе придонесе за зајакнување на фискалната рамка на земјава преку воведување фискални правила и формирање фискален совет.

Агенцијата во врска со буџетскиот дефицит за 2022 година наведува дека мерките што ги презема Владата како одговор на ценовната и енергетската криза во износ од 750 милиони евра, ќе влијаат врз буџетскиот дефицит во 2022 година, кој Агенцијата очекува да се намали од 2023 година со повлекување на потребата од мерки за поддршка на населението и компаниите. Исто така и во однос на државниот долг „Фич“ очекува тој да достигне 55,2 проценти од БДП до крајот на оваа година и 56 отсто од БДП до 2023 година.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Претходно кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија го потврди Агенцијата „Стандард и Пурс“ на „ББ-“ со стабилен изглед.