Македонија и ЕУ имаат партнерски пристап во процесот на преговори и во надминувањето на енергетската криза

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со владина делегација во состав со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за економија Крешник Бектеши, ја пречека делегацијата од Европската комисија, предводена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која попладнево пристигна во Скопје, во работна посета.

Премиерот Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен имаа тет а тет средбa, по што се одржа и билатерална средба на делегациите, во Владата на Република Северна Македонија.

На состанокот е разговарано за започнатите преговори на Северна Македонија со Европската Унија за полноправно членство во Унијата, за чекорите во рамки на евроинтегративниот процес, како и за мерките за справување со економската и енергетската криза, предивикани од ситуацијата во Украина.

Изразена е јасна поддршка од Европската комисија за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, со оценка дека ова може да биде динамичен процес, посебно ако се земе предвид усогласеноста на дел од македонското законодавство со европските регулативи.

Констатирано е дека европските интеграции се значајни за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните во земјава, според европските стандарди. Но, дека интеграцијата на Северна Македонија, како и на државите од Западен Балкан во Европската Унија е значајно и за стабилноста и безбедноста на Унијата, што дојде до израз посебно со војната на европскиот континент и потребата за заедничко справување со безбедносните и егзистенцијалните предизвици.

Посебно е нагласено значењето на поставеноста на политиките на Северна Македонија, на линија на надворешната политика на ЕУ, во однос на војната во Украина и е соопштено дека се цени солидарноста што ја покажува нашата држава со ЕУ во одбраната на мирот во Европа и светот.

Притоа е изразена заедничка согласност дека и справувањето со последиците од војната во Украина, како што се енергетската и економската криза, треба да се одвива на солидарна основа како меѓу државите членки на ЕУ, така и со земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за сета досегашна европска поддршка во демократскиот развој на нашата држава, од независноста до денес, и посебно за личниот ангажман на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, во започнувањето на преговорите на Северна Македонија со Унијата, по 17 години од добиениот кандидатски статус.

„Предводам европска Влада со јасен фокус на евроинтеграциите, за што говорат и добрите оценки во овогодинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата држава. Принципиелно сме поставени во развојот на добрососедските односи, во европски дух, низ дијалог. Нашите клучни активности сега се кон помош и заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување енергија во пресрет на зимата. Брз процес на интеграција во ЕУ е можен и тоа го заслужуваме по нашата посветена работа според европските принципи и вредности“, рече премиерот Ковачевски на билатералната средба со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен.