Македонија и се е можно: Управниот суд остана без судница

Едно соопштение на претседателот на Управниот суд м-р Бурим Сејдини уште еднаш ги отсликува апсурдите со кои со соочува македонската реалност во контекст на реформите на правосудниот систем. Како израз на немоќ, Сејдини преку соопштение одлучил да укаже дека примената на веќе стапениот во сила од 25 мај година нов Закон за управни спорови е сериозно доведена во прашање и оневозможена од причина што Судот во постојниот објект во кој се наоѓа нема ниту една просторија која се користи или би се користела за судница за одржување на јавни расправи!

Тоа, пак, не само според претседателот Сејдини, туку и според првиот човек на Судскиот совет на РСМ, ќе ги биде причина граѓаните да немаат фактичка можност да учествуваат во јавни расправи кога ги оспоруваат одлуките на јавните органи, иако таквата законска можност е пропишана со новиот Закон. А, сето тоа ќе доведе до бројни постапки пред Европскиот суд за човекови права, чии завршници ќе бидат на штета на нашата држава, како финансиска, така и во поглед на нејзиниот углед и генералната оценка за степенот на почитување на човековите права и слободи.

Во очајниот обид преку соопштение до јавноста да укаже на апсурдната ситуација во која се наоѓа Управниот суд, Сејдини меѓу другото потсетува дека со одлука на Владата уште од 25 септември 2018 година на Судот му бил доделен на трајно користење објект на ул.,,Даме Груев“ бр.28, сопственост на РМ, која е спроведена во Агенцијата за катастар на недвижности. Но, за жал, Управниот суд до денес го нема добиено во владение објектот од причина што истиот, се уште се користи од службите на Министерството за транспорт и врски!

Со други зборови, одлуката на Владата со која на Управниот суд му е доделен простор во кој достоинствено ќе можат да се спроведуваат судења преку кои граѓаните ќе ги реализираат своите законски права и интереси е донесена, и по година и половина од нејзиното донесување, не се извршува.

Претседателот на Суд во соопштението потсетува на активностите, што ги има преземено за надминување на ваквата состојба. Меѓу другото, доставил барање до Државното правобранителство на РСМ, за преземање на конкретни мерки во врска со предавање во владение на објектот, кој на Судот му е доделен на трајно користење, но од наведената институција, не биле преземени никакви активности за решавање на проблемот. Натаму, во неколку наврати пред настапување на датумот за отпочнување со примена на Законот за управни спорови се обратил до Судскиот совет на РСМ, кој има побарано од Министерството за правда и Владата да се обезбедат услови за Управниот суд, но за жал и овие напори останале без конкретен резултат.

Потоа, повеќепати се обратил до Министерството за правда и до Министерството за транспорт и врски, но од овие органи не уследила никаква конкретна мерка. И на крај, поднел иницијатива до Владата за одложување на Законот за управните спорови, со објаснување на причините за не можност тој да се имплементира, но и таа не била усвоена.

Во меѓувреме, уште јули 2019 година Управниот суд спровел постапка за реконструкција на наведениот објект, навремено ги обезбедил соодветните услови, човечки капацитети и потребни обуки на судиите и вработените во Судот, за непречено функционирање и примена на новиот Закон, кој на граѓаните треба да им гарантира судења со јавни расправи и мериторни одлуки во управните спорови.

Но, за жал, заради не предавање на објектот во владение на Судот, предвидените градежни активности не се реализирани, а волјата и капацитетот на судиите да започнат судења со јавни расправи согласно Европската конвенција за човекови права, Стратегијата за реформа на правосудниот сектор од 2017 година и новиот Закон за управни спорови остануваат неискористени.

Би се рекло, ништо чудно и уште една грда епизода од неопходните реформи во правосудниот систем на Македонија и тоа во пресрет на одредувањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.