Македонија изедначи во продолжението против Грузија

Добро е. Освоивме бод со Грузија и тоа со играч помалку во меч од 4.коло во Лигата на Нации. Резултатот од 1:1 кој треба да се почитува, ако се зна дека цели 25 минути игравме со играч помалку. Не така добро издание на момците на Игор Ангеловски, имавме и добри моменти, посебно во финишот, но и со ова реми Македонија е на првото место на табелата во Лигата на Нации. Грузија водеше се до 90+3 минута кога Алиоски од пенал успеа да израмни за конечни 1:1, јавува Спортмедиа.

Не победивме, но победата ја оставивме за во Тбилиси на 12 ноември кога е поважно. Уште едно одлично издание на Горан Пандев кој иако исцрпен го одигра целиот меч.

МНОГУ ТАКТИКА, ИГРА БЕЗ РИЗИК, ШАНСА НА ПАНДЕВ

Првите 45 минути минаа со многу тактичко надмудрување, игра без некој посебен ризик од страна на двете селекции, како повеќе да се мислеше да се сочува својот гол. Некаде до 30 минута гостите како да го имаа поседот на топката, но никако не успеваа да креираат шанса за гол, или некоја опасност по нашиот гол. Ние од 30. до 33. минута наметнавме голем притисок, кој продолжи и во финишот на полувремето кога имавме три шута, но и убава шанса на Пандев во 43.минута, кој шутираше со глава, но за малку непрецизно. Претходно Дарко Велковски исто со глава шутираше, но беше блокиран а во 33. минута Пандев шутираше од околу 16-17 метри, но топката отиде во корнер откако претходно еден грузиски репрезентативец ја допре и таа замина во корнер. Последната шанса ја имавме во 45.минута кога Пандев прекрасно, од десно, сакаше да го проигра Алиоски на спротивната страна, тоа и го стори, но малку недостигаше Џани да ја уфрли во голот на Лориа. Да кажеме дека кај Грузија уште во 7.минута Лобјанидзе влезе место Китеишвили кој се повреди.

“БОМБА“ НА НИКОЛОВ, АМА ЛОРИА БРАНИ

Грузија ја имаше првата шанса во продолжението од мечот. Даушвили се закани со силен удар од околу 15-16 метри, но Димитриевски беше на своето место. Ние вративме во 54.минута преку Николов, кој испрати вистинска “бомба“ од 25 метри, но Лориа успеа едвај да го спаси својот гол. По тој удар како темпото одново да замре што се вели. Ниту едноте, ниту другите не успеаја да креираат некоја шанса.

ЦРВЕН ЗА ДИМИТРИЕВСКИ, ГРУЗИЈА НАБРГУ ПОВЕДЕ

Се играше 68.минута кога нашиот голман Столе Димитриевски сосема непотребно играше со рака надвор од својот шеснаесетник. Голем кикс, заслужи директен црвен картон. Па место него влезе во игра другиот наш голман Шишковски, а Несторовски мораше да излезе од игра. Качарава влезе во игра во таа 70. минута, и веќе имаше супер шанса, го погоди дирекот. И тогаш гол за Грузија, исто нововлезениот Кваратцкелиа, кој на прекрасен начин успеа да го совлада Шишковски за водство на гостите.

По тој гол реакција на селекторот Ангеловски, кој во игра ги уфрли Велкоски и Стојановски.Во 85.минута Качарава постигна гол, но поради офсајд беше поништен. Во 88. минута две шанси, по една на двете страни. Прво Ристовски можеше да израмни, но не успеа, а само момент подона Качарава шутираше, но Шишковски одбрани.

ПЕНАЛ, АЛИОСКИ СТРЕЛА ЗА БОД

И во 92.минута пенал за Македонија. Зајков беше фаулиран, а Алиоски погоди за 1:1. Браво за Македонија, со играч помалку дојдовме до реми.

ЛИГА НАЦИИ – Ц

МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА 1:1 (0:0)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: /. Судија: Бартош Франковски (Полска). Стрелци: Алиоски (п) 93. (МАК),Кваратцкелија 74. (ГРУ). Ж. Картони: Алиоски (МАК), Квилитаја, Даушвили (ГРУ). Ц. Картони: Димитриевски 68. (МАК).

Играч на натпреварот: Тхихомир Костадинов (Македонија)

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Велковски, Ристевски (80. Стојановски), Ристовски, Николов (88. Тотре), Костадинов (89. Мицевски), Алиоски, Тричковски (80. Велкоски), Пандев, Несторовски (70. Шишковски).

Селектор: Игор Ангеловски.

ГРУЗИЈА: Лориа, Џигаури, Квирквелиа, Табидзе, Двали, Даушвили (70. Каваратцкелија), Квеквескири, Китеишвили (7. Лобжанидзе), Вако (90. Кобаџитзе), Гвилиа, Квилитаја (71. Качарава).

Селектор: Владимир Вајс.

Фото: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.