Македонија на прагот на „жешка“ политичка есен

Првиот од низата најавени масовни протести на ВМРО-ДПМНЕ против политиките кои ги спроведува владата на Зоран Заев, укажа неколку битни моменти кои навестуваат дека претстои динамичен период на македонската политичка сцена меѓу двата концепта, оној на опозицијата и оној на власта предводена од СДСМ.

Чувствувајќи го моментот на растечкото незадоволство кај граѓаните од целиот спектар потези на власта – од благо кажано проблематичното нејасно управување со коронакризата, поскапувањето на центата на електричната енергија што е производ на неоправданите загуби во компаниите производители и трговци со струјата, а не на мерки за усогласување со евроспкиот енергетски пакет, преку сѐ појасните примери за коруптивни дејанија – опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши да ја канализира ваквата енергија. Владата на Заев, јасно, не доби сто дена комоција, затоа што не е нова. Уште помалку таа кај јавноста предизвикува впечаток дека може да сработи нешто квалитетно, во полза на граѓаните.

Излегувањето на улица на ВМРО-ДПМНЕ, покрај тоа, покажа дека, колку и да е се прават обиди да се оспорат Христијан Мицкоски и неговиот тим, сепак, огромен дел од членството има доверба во неговото лидерство и својот фокус го насочува кон она што го прави, односно не го прави власта. Забележливо, исто така, беше што овојпат протестот покажа и една нова силна енергија, и оти овојпат обединува поширок слој граѓани. На вчерашниот протестен марш можеа да се видат и партиски приврзаници, и луѓе кои не можат на Заев да му ја простат промената на името на земјата, како и граѓани кои изминатиот месец излегуваа на протест против поскапувањето на струјата. Покрај тоа, следеа и повиците на челниците на ВМРО-ДПМНЕ во своите настапи и до останатите политички чинители кои не се согласуваат со политиките на Заев, да се приклучат во широк опозициски блок за што поскоро уривање на старо-новата власт.

Во таквата намера на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, секако, голем удел ќе има стратегијата со своевидните „тематски“ протести, посветени на конкретни процеси и чекори кои ги презема владата предводена од Заев и СДСМ. Освен тоа, веќе првиот собир во средата покажа дека опозициската партија од протестите ќе поставува директни барања и предлози, на кои власта ќе треба да одговори со конкретни решенија. Тое е уште еден елемент кој треба да доведе до артикулирање на незадоволството кај граѓаните и покажаното доминантно опозициско расположение во земјата – што го покажува збирот на гласовите кои ги освоија партиите кои ја форимираа власта и наспроти нив партиите кои на јулските избори настапија од опозициски позиции.

Поради сево ова, и уште повеќе бивајќи свесни дека едноставно не поседуваат капацитети за давање вистински одговор на барањата на граѓаните, Заев и СДСМ се обидуваат да го изместат фокусот на јавноста. По примерите на најдолготрајните режими во Еропа, оние на Ѓукановиќ и Лукашенко, социјалдемократите наместо со реалните предизвици и проблеми на граѓаните се занимаваат со опозицијата. Тоа и не е непозната за нив (СДСМ) материја, имајќи го предвид идеолошкиот корен. Но, навистина смешно звучат обидите да се фабрикуваат оцени дека протестот кој го организираше ВМРО-ДПМНЕ наводно бил анти ЕУ и анти НАТО, веројатно повторно алудирајќи на промената на името, кога СДСМ и ДУИ ги тресе добро познатиот скандал со контроверзниот српско-црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ кој важи за експонент на антизападните влијанија во регионот.

Трагикомично, исто така, прозвучеа и обидите на СДСМ преку ним блиските или контролирани медиуми во пресрет на собирот да фабрикуваат наводни изјави на бизнисмен во судско рочиште, кој потекнува од нивната партија, благодарејќи на што во времето на транзицијата и стана тоа што денес, дека му биле изнудувани средства во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Вистината, имено, како што се покажа е сосема поинаква, а бизнисменот во финансирањето не си ја зборавал својата партија. А, уште потрагикомично е што компанијата на истиот тој бизнисмен, само ден/два претходно добива од власта милионски тендер. Истовремено, пиарот на социјалдемократите продуцира шпекулации за фрустрираност на опозицијата и прави обиди да испровоцира разногласие во опозицијата.

Меѓутоа, таквите постапки само уште еднаш ја потврдуваат констатацијата дека всушност стравот за зачувување на своите позиции и во прв ред стравувањата од губењето на бенефитите од нив почнува да надвладува кај Заев и СДСМ. А, стравот кај власта ќе расте, како што се променува наративот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со истакнување јасни и прцизни барања на кои таа не може да даде преговори. Протестот во средата свесно не носеше енергичност кај масата, која овојпат беше канализирана само во скандирања на барањата, но имаше силна енергичност во настапите на опозициските говорници.

На улиците излезе револтиран народ, и тоа навестува дека Македонија ја очекува „жешка“ политичка есен. Посебно, ако се имаат предвид катастрофалните показатели кои покажуваат дека македонската економија е во длабока рецесија, што ќе се одрази со пад на животниот стандард на граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.