Седум години СДСМ и ДУИ беа на власт во Македонија. Нивните „стручни“ кадри беа главни актери во дузина афери. И тоа мега афери, тешки милиони евра, како на пример случајот со „стручно“ делење на народни пари преку Фондот за иновации. „Стручно“ тренираа магариња со тие пари. Чинам дека стануваше збор за некоја сума од повеќе од 15 милиони евра! Нејсе. Но, за жал, некои нивни афери чинеа дури и човечки животи. Модуларната болница во Тетово, несреќата кај Ласкарци, сообраќајката во Бугарија, како и скандалот со хемотерапиите за болните од канцер. За првите три точно се знае бројката на починати, но за четвртата не.
По обелоденување на овие скандали, не видовме никаква политичка одговорност од „стручните“ кадри на СДСМ и нивниот партнер ДУИ. Никаква. Како што не видовме никаква разврска на случаите од времето на Корона кризата – со набавката на респиратори, чинам од Бразил беше, како и со набавката на кинеските вакцини, спроведена преку неколку приватни странски и домашни фирми. И во двата случаи беше споменувана сума од неколку милиони евра, а фирмите сопственост на блиски роднини на тогашни „стручни“ функционери.
Но, тука не застанува „компетентноста“ и „стручноста“ на кадрите на оваа политичка гарнитура. Не. Особено, во седумгодишниот период на нивно владеење, се истакна аферата за Специјалното јавно обвинителство. Импутиран, неуставен орган во државата, со примарна дејност политички прогон, а секундарна изнуда и рекетирање на бизнисмени. Видовме сите, јавно, како сето тоа неславно заврши. Дел од главните ликови завршија в затвор, но добар дел, особено партиските функционери, не. Се извлекоа итро, со помош на партијата. „Стручни“ кадри од поставата на СДСМ одиграа и круцијална улога во политичкиот прогон за случајот „27 април“.
Во „стручноста“ во седумгодишното владеење на СДСМ, особено се истакна Агенцијата за национална безбедност (АНБ), додека таму директоруваше кадарот на СДСМ, Виктор Димовски, а во случајот на бизнисменот Јордан Камчев. Човекот беше уапсен и притворен на основ на едно јадно пусулче изработено „стручно“ од припадник/ци на АНБ. Неколку месеци подоцна јавно имавме можност да го видиме тоа јадно пусулче. Да не беше тажно, ќе беше смешно. Е, сега кога такво нешто „стручниот“ кадар на СДСМ од АНБ може да му смести на Јордан Камчев, што останува за нас обичните?
А, они за сместување се гранд мастери, почнувајќи од онаа наменска циркузијада наречена „шарена револуција“, па се’ до крајот на нивното владеење, кое се покажа многу погубно за Македонија, како на внатрешно, така и на надворешно поле. Впрочем добро е што сега веќе се политичка историја, која сигурно нема да ни се повторно подолго време.
Автор: Дејан Николовски