Македонија Ѓорче Петров по втор пат го освои Купот на Македонија

Македонија Ѓорче Петров вечерва по втор пат во својата историја го освои пехарот во Купот откако на пенали со 4-3 го совладаа Силекс на арената „Тодор Проески“.

Интересно е тоа што „лавовите“ елиминираа дури четири тимови на пенали до пехарот оваа сезона и покажаа неверојатна психичка подготвеност. Единствената победа во регуларниот дел сезонава новиот освојувач ја оствари против Детонит од 0-3. Потоа во осминафиналето славеше на гостувањето Академија Пандев откако натпреварот заврши 1-1 по 120 минути игра, на пенали со 3-5. Во следната рунда ѓорчепетровци беа подобри од Шкупи на домашен терен со 4-1 исто така по пенал-рулетот, а во 120 минути игра немаше голови. Во полуфиналето ја елиминираа Струга на пенали со 2-4 исто така откако немаше голови по регуларниот дел и продолженијата.

Вечерва во финалето против Силекс беше 4-3 по ударите од 11 метри, а интересно дури на овој натпревар, Македонија Ѓорче Петров за прв пат не реализираше пенал. Претходно беа со 100 отстотен ефект. Единствениот што не реализираше беше Јован Попзлатанов, кој во четвртата серија не реализираше откако се обиде да бие со „паненка“.

Пеналите станаа синоним за македонскиот фудбалски Куп, бидејќи на последните пет изданија победникот четири пати беше решен со удари од белата точка.

Фото: ФФМ