Македонија поразена од Португалија

Македонската ракометна репрезентација го доживеа првиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2024, во салата „Борис Трајковски“ загубивме од Португалија со 23-29.

Португалија беше фаворит пред овој меч, Македонија ослабена со неиграњето на неколку важни ракометари храбро се бореше во текот на мечот, но осцилациите во нашата игра беа пресудни за да го загубиме натпреварот.

Македонија лошо го почна мечот, имавме проблеми во нападот, во првите 20 минути дадовме само четири голови од кои два беа од игра, а два од пенал. Не бевме неефикасни поради одбраните на нивните голмани, туку поради многуте грешки кои ги правевме во офанзивата. Португалците во два наврати имаа по четири гола предност.

Лазаров побара тајм-аут по што нашите ракометари заиграа многу подобро, за кратко време дадовме пет голови и се доближивме на само еден негатива беше 9-10. Следуваше нов пад и ново одлепување на Португалија. На одморот се замина со предност за гостите од три гола разлика, 11-14.

За разлика од првото полувреме, вториот дел го почнавме многу подобро. Томовски беше брилијантен на голот, почнавме да ја намалуваме предноста на Португалците, во 44. минута стигавме до 19-19, а во следната минута Филип Кузмановски со еден проектил од далечина го донесе првото водство на Македонија, 20-19.

Македонската репрезентација поведе и застана, следуваше серија од 4-0 на Португалија со која дојде до предност од три разлика, 20-23. Македонија немаше сила за нова позитивна серија, Португалците го одржуваа водството до крајот на мечот и победија со 23-29.

Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по пет голови беа најефикасни кај Македонија, Џонов постигна три. Незапирлив во составот на Португалија беше Ареиа Антонио со 10 голови.

Ова беше прв пораз на Македонија во квалификациите, за три дена повторно играме со Португалија, овојпат на гостински терен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.