Македонија пројавила интерес за руската вакцина

Македонските власти ја проучуваат можноста за примена на руската вакцина против Covid-19 откако биле информирани од руската страна за условите за набавка, пренесува во саботата агенцијата РИА повикувајќи се на руската амбасада во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче во втората половина на август, како што се наведува во написот, бил информиран за успешните резултати од тестирањата на руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ која беше првата во светот која ја доби дозволата од руските регулатори и пред да започне финалната трета фаза од кличничките испитувања. Филипче, според написот, исто така, бил запознаен со организирање на набавките на препаратот преку Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ), кој учествува во развојот на вакцината заедно соинститутот „Гамалеј“.

„Прашањето беше дискутирано и со премиерот Зоран Заев и со министерот за здравство Венко Филипче. Македонската страна сѐ уште ги проучува достапните материјали за вакцината ‘Спутник V’. Се согласивме дека сите прашања од нивен интерес ќе бидат директно дискутирани од експерти од Министерството за здравство на Македонија и од Рускиот фонд за директни инвестиции“, ја цитира аганцијата изјавата од руската амбасада.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на 25-ти август изјави дека Македонија ќе има пристап до вакцината за Covid-19 во оној момент кога таа ќе биде достапна. Како што рече тој во интервју за телевизијата „Клан“, првичниот план е да се набави количество од вакцината за имунизирање на една петтина од населението.

„Набавка за имунизирање на 20 отсто од населението е нешто што засега се смета дека е некоја разумна количина, согласно со сегашните сознанија. Во таа група од 20 отсто од населението влегуваат постарите лица, хронично болните, децата итн. Има ризични групи кои се први за вакцинација, но секако ги следиме и новите сознанија и препораки“, вели Филипче.

Посочи дека набавката на вакцина против коронавирусот за потребите на државава ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација, но и преку веќе добиената понуда од Полска, потребните количества за земјата да се набават преку механизмите на Европската унија. Министерот тогаш истакна дека сѐ уште не се познати ниту количествата, ниту како ќе се одвива распределбата по земји.