Македонија се гуши во корупција и криминал, 2 милијарди народни пари ќе се потрошат, а не е дефинирано што е стратешки интерес

-Претставниците на власта не знаат што зборуваат кога излегуваат на говорница. Дали не е срамота министерот за транспорт и врски Благој Бочварски да потпише нешто на невидено? Празна табела која треба да биде основа за предлагање на законите, ја потпишал на невидено, па се поставува прашање кој потпишува на невидено, дали некој уценет или има други проблеми кои треба да се решаваат низ институциите, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната собраниска седница.
Тој истакна дека ова што и се прави на македонската јавност и држава е антидржавен чин, се фрла Македонија во должничко ропство, финансиска нестабилност која ќе биде злоупотребена.
– Финансиски нестабилна држава не може да се справува со проблемите кои излегуваат пред неа. Нападнат ни е националниот идентитет, Македонија се гуши во корупција и криминал и како ќе се справуваме со предизвиците кои се пред нас на патот кон ЕУ. Власта на ваков начин ја ослабува позицијата на Македонија, потенцираше тој.
И порача на власта да ги реновира затворите со време да не биде потоа дека не е кажано и тоа, како што рече не е закана, туку ќе се спроведува законот.
Правото треба да владее, а не како сега да се дерогира, го исфрливте Уставот. Ова не доликува на држава која сака да биде членка на ЕУ. Кажувате дека предложените измени се вршат заради усогласување на одредбите од постоечкиот закон, но не кажувате со што се усогласува. Кажувате градби од државен интерес, а каде е регулирано што е стратешки интерес? Има ли отворено јавна дебата, 2 милијарди народни пари ќе се потрошат, а не е дефинирано што е стратешки интерес. Најголемиот буџет во историјата на Македонија го трошите, нагласи Ковачки.
Ковачки посочи дека ова сега што се прави е класичен криминал и корупција на Артан Груби и Ковачевски.
– Кажувате дека ќе ја интегрирате Македонија со овие коридори, а со кои земји од ЕУ ќе се поврзете? Кажувате дека одредбите на имплицираат финансиски последици, а се надминуваат сите закони кои досега важеа, експертите кажуваат дека урбанистички проект важи за маалски улици, а не за автопат. За ова ќе има одговорност, изјави Ковачки.