-1.9 C
Skopje
петок, февруари 28, 2020

Македонија, со Албанија, најкорумпираната земја во регионот

165

Македонија на листата на Транспаренси Интернешнал е на 106 место, односно на скалата од 0 до 100 поени (притоа 0 значи најголем степен на корупција, а 100 поени – најмалку корупција) има 35 поени.

Тоа е за два поена помалку во споредба со минатата година (во 2018 година имаше 37 поени; во 2017 година – 35 поени; во 2016 – 37 поени).

Со тоа Македонија бележи пад од 13 места на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за индексот на корупција во 2019 година.

На 106-то место, нашата држава се најде во „друштво“ на Албанија, Бразил, Монголија, Брегот на Слоновата коска, Алжир и Египет.

Земји со најниско ниво на корупција се Нов Зеланд и Данска, со освоени 87 поени, а потоа следуваат Финска (86), Сингапур (85), Шведска (85) и Швајцарија (85).

Земјите кои се најдоа на дното на табелата се Сомалија, Јужен Судан и Сирија со оценки 9, 12 и 13, соодветно. Овие земји внимателно ги следат Јемен (15), Венецуела (16), Судан (16), Екваторска Гвинеја (16) и Авганистан (16).

Инаку, индексот рангира 180 земји и територии според нивото на корупција во јавниот сектор, според експертите и деловните луѓе.

Тој користи скала од нула до 100, каде што нулата е многу корумпирана и 100 е многу чиста.

Ниту претходно, во 2018 година не беше сјајна ситуацијата. Во Индексот за перцепција на корупцијата во 2018 година на Транспаренси Интернешнал, Македонија и Косово го делеа 93 место во однос на корупцијата. Тие беа најслабо рангирани на Балканот.

Генерално, извештајот на Транспаренси Интернешнал  (ТИ) покажува дека во голем дел од 180-те земји каде се правени истражувања, речиси нема напредок во борбата против корупцијата.

„Недостигот од вистински напредок е разочарувачки и има многу негативни последици за граѓаните ширум светот“, вели Патриција Мореира, раководителка на ТИ. „За да се запре корупцијата и да се подобри животот на луѓето, мора да ги напаѓаме врските помеѓу политиката и ‘високите финансии’.“

Јасни подобрувања нема дури ни во големите индустриски нации. Напротив, во четири од седумте држави на Г7 – Канада, Франција, Велика Британија и САД, ситуацијата е влошена. Германија и Јапонија се останати на исто ниво во споредба со 2018 година, а Италија е малку подобро рангирана.

На ранг-листата што организацијата Транспаренси Интернешнал ја прави секоја година, овојпат најдобри се Данска и Нов Зеланд со по 87 поени, а потоа следува Финска со 86 и Сингапур, Шведска и Швајцарија со 85. Германија е на деветтото место и има 80 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.