Македонија со бод се враќа од Израел, пропуштивме шанса да славиме (ВИДЕО)

94

Македонија одигра нерешено 1-1 на гостувањето кај Израел во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Стрелец на голот за нашата репрезентација беше Аријан Адеми, а во 93 минута можевме и да победиме доколку Елмас ја реализираше одличната можност која му се укажа.

Македонија се враќа непоразена од Израел, избраниците на Игор Ангеловски одиграа добар меч, одиграа храбро, имаа шанси и за победа но ремито е реален резултат од овој натпревар.

Првото големо возбудување се случи во 24 минута, кикс на Столе Димитриевски по кој Израел даде гол, но за наша среќа имаше играње со рака од домашниот фудбалер.

Три минути подоцна одлична шанса за Македонија, Барди прекрасно биеше од далечина, но Марчиано го одбрани неговиот удар.

Во 30. минута нова шанса за Македонија, Алиоски имаше соло продор од нашата половина кој го финишираше со шут кој заврши за малку крај голот на Израел.

Македонија во првото полувреме ги имаше подобрите шанси иако Израел даде гол кој беше оправдано поништен.

Во второто полувреме немаше промени во приодот кон играта и кај двете репрезентации.

Во 55. минута Соломон убаво се проби од десната страна, македонската одбрана не реагираше најдобро, топката дојде до Захави кој погоди за водство на Израел од 1-0.

Радоста на домаќините не траше долго, девет минути подоцна убав центаршут на Алиоски од слободен удар, Адеми погоди со глава за израмнување на 1-1.

Во финишот од мечот Израел ја зголеми офанзивата, Македонија се врати малку поназад обидувајќи се да го загрози противничкиот гол од контра напади.

Во третата минута од судиското продолжение пропуштивме голема шанса, добра акција на Пандев и асистенција до Елмас кој се најде во позиција за шут но наместо да бие се реши за додавање до Трајковски и можноста пропадна.

На крајот можеме да бидеме задоволни од бодот и играта, но лесно можевме да се радуваме и на победа.

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 1-1 (0-0)

Стадион „Тото Тарнер“ во Бер Шева. Гледачи: 15.000. Судија: Андреас Екберг (Шведска). Стрелци: Еран Захави 56′ (Израел), Адеми 65′ (Македонија). Ж. картони: Николов, Пандев (Македонија), Соломон (Израел)

ИЗРАЕЛ: Марсијано, Даса, Елхамед, Таха, Соломон, Бен Харуш (60′ Кајал), Начо, Перец, Дгани, Захави, Дабур (75′ Хемед).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Ристевски, Алиоски, Адеми, Барди (83′ Спировски), Николов (75′ Трајковски), Елмас, Несторовски (68′ Пандев).

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.