Македонија во политички кошмар

545

Време е за одмор. Во време на политичка парализа на системот што може друго да прават политичарите од ваков формат, освен да одмораат. Оваа паралитичка состојба произлегува од еден застарен, конзервативен и мрзлив поглед на политиката кој е рефлексија на лажното чувство за политичко лидерство и самобендисаност. Одморот ќе трае се додека не се процени ситуацијата, не бидат прашани политичките ментори како понатаму и не биде направен првиот потег.

И токму поради ова конечно се случи она што неминовно требаше да дојде. Хермафродитен етнички екслузивен политички систем одржуван да фаворизира политики без резултати и политички лидери без визија и способност за поврзување со народот, конечно колабира на овие избори. Политички систем кој ни го дизајнираа  други, политики што ни ги водеа однадвор конечно беа осудени од електоратот. Да, политичката дезинтеграција на државата отпочна, а со тоа политичката иднина на оваа држава станува крајно неизвесна.

Фрустрираните и предадени македонци успеаја да ги казнат политиките на катастрофални резултати, предавства и лажни ветувања. Изборните резултати се очаен одговор на циничните и разочарани генерации македонци дека политиката е премногу сериозна работа за да им се остави на политичарите.Посебно не на ваквите. Мислам дека е време да се анализира очајот што ги натера граѓаните да ја напуштат надежта во основната алатка за одржување на демократијата и подобрување на нашиот живот, политичкиот процес. Сега не само што постои ризик да паднеме жртва на деспотите во политиката, туку ќе го забрзаме падот на онаа Македонија што ја познаваме. Неминовно ова се случува многу побрзо од  очекуваното и е резултат на политичко лидерство повеќе заинтересирано да ја одржи и контролира моќта, привилегиите и парите, отколку да креира политика. Одмаздата за ваквото политичкото однесување е испорачана. Цената ќе ја платиме сите.

Затоа Македонија ако продолжи со исто политичко лидерство многу брзо по овие избори ќе се соочи со синдромот на хаос. Синдромот на хаос ќе предизвика хроничен пад на капацитетот на политичкиот систем за самоорганизација. Ќе продолжи понатамошното слабеење на институциите на системот и политичките партии, ќе се срушат системите за одговорност низ кои политичарите се држеа колку толку одговорни и ги спречуваа да го следат голиот личен интерес. Нарушувањето во политиката и дисфункцијата во владата ќе се зајакнуваат едни со други. Системот ќе се атомизира, а хаосот во политиката ќе стане новата нормалност.

Со хаосот ќе зајакне и неформалниот систем на политичко посредување и патронизирање, кој за волја на вистината трае премногу долго. Со години го потхранувавме овој систем како корумпиран, недемократски, непотребен или лицемерен. А сепак секоја политичка гарнитура го консумираше. Последниве години видовме како овој систем на политичко посредување и патронизирање регрутираше и негуваше политички неталентирани, корумпирани и некомпетентни но лојални поединци, собираше и распределуваше пари, градеше бази на прикриени донатори и поддржувачи, фалсификуваше коалиции, посредуваше во спорови, подмачкуваше и креираше неодржливи компромиси. Свесно го поткопа јавниот интерес, ја погази волјата на граѓаните и одржуваше корумпиран систем на вредности, како вовед во дезинтеграција на македонската држава.

Тоа беше етиологијата на нашето политичко заболување на  државата. Не успеавме, или не сакавме да развиеме имунолошкиот систем што требаше да го одбрани телото на политиката од ваквите надворешни патогени способни да ја искористат неговата ранливост, предизвикувајќи симптоми на нарушувања кои никогаш не ги залечивме. Бидејќи е нарушување на имунолошкиот систем, синдромот на хаосот ќе ги акцелерира другите проблеми, претворајќи ги политичките настинки во пневмонија. За конечно да ја доведат демократијата и нашиот политички систем во терминална фаза од која нема враќање.

Колку треба да имаш сериозно искривено гледиште за политиката да не ја видиш големата слика од изборите минатата среда. И да прогласиш победа. За жал многу брзо ќе дојде освестувањето. Она од што паметниот се срами будалиот се гордее. Така е и  со победата на изборите. Нестрпливо очекувам да видам како нашите лидери со светско реноме политички ќе маневрираат во ваква ситуација. Дали воопшто имаат простор за маневрирање? Зашто овој пат политиката е донесена на повисоко ниво. На ниво на опстанок. Преседан непознат во политичката историја на овој народ. За жал, тоа е само почеток на нашиот кошмар.

Наскоро и нај невротичната омраза на политичките екстремни поддржувачи на одредени политики ќе биде последната универзално прифатлива форма на измама во земјава. Бидејќи тој проблем е ментален, а не механички, навистина е тешко да се поправи. Но,сепак на крајот и тие ќе дознаат  дека водачи без следбеници се едноставно луѓе што излегле на прошетка. Дека нивниот лидер се претвори во набљудувач кој посакува да  продолжи да ги следи своите политички интереси и квази идеолошки мисии, безмилосно, како возбудена молекула на гас во прегреан балон. Сакајќи да заборави дека овој пат не успеа. И тоа спектакуларно.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.