Македонија во регионов е со највисока стапка на смртност од Ковид-19

Македонија е на врвот по бројот починати лица споредено со соседните земји. Министерот Венко Филипче изјави дека во тек се анализите за смртноста на пациентите кои треба да бидат готови за една недела.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 17049, бројката на оздравени пациенти е 14186, а на починати е 710.

Институтот за јавно здравје соопшти дека изминатата недела се регистрирани 48 смртни случаи од ковид-19 од 17 града во земјава, што е зголемување од 77,7 отсто во однос на неделата претходно кога починале 27 лица. Споредено со првата недела од септември кога починале 20 лица, како што соопшти институтот зголемувањето е 140 отсто.

Во споредба со земјите од соседството повисоко на листата на смртни случаи од Македонија се Бугарија со 767, потоа БиХ со 763 и Србија со 743 случаи. Но, сите три земји имаат далеку повеќе жители. Што значи дека Македонија е на прво место во соседството по негативниот биланс.
Грција досега има забележано 352 смртни случаи, Албанија 367 и Црна Гора 146. Косово пак е веднаш зад Северна Македонија по бројката на смртност, односно 605 лица го загубиле животот од коронавирусот или 3,9 проценти од заболените.

Ако се направи споредба меѓу бројката на заболени и починати повторно Македонија се наоѓа на врвот на листата. До 23 септември се регистрирани 17.049 заболени, а од нив речиси 4,2 отсто го загубиле животот. За нијанса пониска е бројката во Бугарија од 4 проценти за разлика од БиХ, каде изнесува 2,9 отсто, а во Србија пак 2,2 отсто.