Македонија во „жолта ковид зона“, засега без нови мерки

Во Македонија моментално се активни повеќе од пет илјади случаи со Covid-19 и таа се наоѓа во жолта зона, а Комисијата за заразни болести засега не препорачува нови мерки.

Според министерот за здравство Беким Сали, доколку се земат предвид моменталните бројки во сите инфективни одделенија во државава и искуствата од минатото, ситуацијата со пандемијата во државава е се уште „оптимистичка“.

„Ние забележуваме секојдневно благо зголемување на новоинфицирани во државата, Скопје се уште е жариште, односно црвена зона. Меѓутоа, од аспект на оптоварување на системот се уште сме во жолта зона“, појасни Сали во петокот на отворањето на реновираниот Хируршки ургентен центар во склоп на ЈЗУ УК „ТОАРИЛУЦ“.

Апелира граѓаните со хронични болести да се вакцинираат со трета и четврта доза од вакцините против Covid-19.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, објавени вчера, направени се 1.602 тестови, а регистрирани се нови 855 случаи со Ковид-19 и 683 оздравени пациенти. Од вкупниот број на позитивни 22 проценти или 189 се реинфекции.

Во вчерашниот билтен не се пријавени починати лица. Согласно регистарот на умрени лица со дијагноза Covid-19 од „Мој Термин“ се регистрирани две починати лица, по едно починато лице од Битола (85г) и Кочани (71г), двете лица се починати во болнички услови, лицата за починати се пријавени во период од 22.07-27.07.2022 година, соопшти вчера Министерството за здравство.

Според епидемиолошки анализи во моментов од 5.196 активни случаи, најголемиот дел или 43 проценти се во главниот град – Скопје. Во Битола има 441, потоа следат Прилеп – 271, Охрид - 263 и Куманово – 245.