Македонија, задња рупа на дестинација!

Саботно утро со кафе во рака читам вести (не политика, не фала и така на Западен Балкан/Македонија нема ништо ново) на порталиве, убави слики од пејсажи, се промовираат разни дестинации за зимскиот период, за новогодишни празници, акциски цени за летните одмори, уште од сега, викенд дестинации и доаѓам до една статија на „National Geographic“ за нивни предлози за дестинации за посети за наредната 2023 година. Инаку, овој престижен туристички магнат, секоја година дава одредени предлози за посета на дестинации и се смета за една од најдобрите туристички мас медиуми во светот.

И онака празен во себе, дотолчен на секојдневниве збиднувања, читајќи ја статијата, после подолго време ми доаѓа на памет идеја за колумна (инаку за ваше запознавање, на вашиот колумнист, прво му доаѓа идејата, слоганот, па после тесктот, самиот излегува од нив).

И еве сме повторно заедно за тоа каде е Македонија денеска како дестинација во светски рамки. Батали европските, они се веќе мали за нас и онака ЕУ само не подлажува со стапот и морковот, затоа одиме сега мегаломански во светски рамки.
„National Geographic“ е популарно американско месечно списание издадено од National Geographic Society. Познат по своето фоторепортерство, кое е едно од најчитаните списанија на сите времиња. Инаку е основано уште далечната 1888 година, како училишно списание, а денеска е најпрестижното списание кое опфаќа теми со карактеристики генерално кои се однесуваат на науката, географијата, историјата и светската култура, нормално и туризмот кој го базираат буквално на овие претходни карактеристики.

Слободно пребарајте го овој гигант на некој од пребарувачите и видете ги нивните предлози за 2023 година, сигурерн сум ќе ви се допадната многу дестинации за око. Јас на кратко ќе ви ги опишам и споредам со нашата мила дестинација Македонија. Ако не сакате немојте, нема да ја најдете Македонија во ниеден предлог.

Комплетната листа на „National Geographic“ е поделена во пет категории: Култура – места каде владее историјата, Природа – истражување на дивината, прекрасните предели (инаку во оваа категорија на 3. место е ставена Словенија, заедно со Боцвана замислете), Авантура – адреналински екскурзии на отворено, Заедница – дестинации на еко и одржлив туризам и Семејство – инспиративни места за сите возрасти (најчудно е што овдека во оваа категорија се предложени и Лаос, оној хаос од Лаос, и Гана!!!), па сега слободно споредете со нашата дестинација.

На неа се најде и една земја од поранешна Југославија, претпоставувате која е, не не е нашата Македонија, за жал, туку Словенија, која е опишана како долгогодишен лидер во одржлив туризам и каде има прекрасни велосипедски патеки, но и каде што може да уживате во посета на лозја, места каде се прави и препродава сирење и други производи. Ако добро го прочитавте текстов, како и јас, ќе останете запрепастени дека се’ она што е одлика на нашата Македонија, сега „северната“ ни држава Словенија ги има. Лозја хм браво, прави сирење иако не знам за ниедно добро нивно сирење во изминатиов период, а дека имаат одржлив туризам, не да имаат туку секоја им чест за тоа.

Но, да бидеме искрени маркетингот, промоцијата, а пред се’ платените стории се одлика на денешните канали на дистрибуција на производите, првенствено се во туризмот. Но, каде сме ние овдека е прашањето?

За жал никаде. Ако го отворите нивниот веб портал, има посебен дел и за Македонија и тоа со многу убави написи и стории за Македонија, не онаа географска одредница придодадена, дури и стории за Александар Македонски, најпознати настани во државата, кој е последен таков напис напишан и поставен во месец Јуни 2018 година, а пред тоа во 2017 година. Повеќе од 4 години ниеден натпис, ниту сторија за туризмот и државата. Да не зборам за другите туристички медиуми, таму одамна не нема веќе, повеќе од 7 години.

Епа затоа ќе не нема на ниедна карта на предлог дестинација не за 2023, туку и за 2024 и 2025. Во изминатите 10 години, па и повеќе се до 2017 година, Македонија беше на картата на предлозите на скоро сите најпознати медиуми во светот „National Geographic“, “Travel Channel”, CNN, BBC, Eurosport, ABC и многу други нетолку познати светски медиуми, каде лично и вашиот колумнист тука спаѓа, со покани, посети нормално и со платежни реклами ги каневме на предлог тури, записи, интересни стории и приказни кои одеа насекаде во светот. Платежните реклами се мали во споредба со она што ќе го добиете после како дел од профитите користејќи ги овие канали на дистрибуција на вашите производи.

Маркетингот е многу моќна алатка. Има една приказна која кружи во домашниот маркетиншки свет, која звучи вака – Ако Македонија од самиот почеток се ракламираше, до сега ќе беше препознаен бренд со свои вредности. Немаше нити име, ниту идентитет, ниту јазик, ниту дестинацијата да ја нема денеска на било која карта на препознатлив бренд, посебно во туризмот.

Господа ако носите Предлог Буџет за 2023 година од невиден до сега размер во државава, од 5,3 милијардиииии еврааа, еве ви предлог од мене, ставете поголем дел за рекламирање на оваа држава, каква таква, верујте ќе ви се исплати за одреден период, а туристичката дестинација Македонија, како препознатлив бренд ќе ви врати три пати повеќе. Пробајте барем ќе се уверите и самите.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес