Македонија, жртва на „ревизорите“ на Вестфалскиот мир

страшо ангеловски

Текстов го пишувам за да разјаснам некои заблуди кои, за жал, намерно се пласираат пред македонската јавност, за да не се открие причината за состојбата во која е втурната Република Македонија, па, со самото тоа да не се успее да се изгради долгорочна стратегија за излез од уништувачкото секојдневие што ни е наметнато.

Го пишувам за оние чесни и искрени идеолошки левичари заведени од лажната левичарска идеологија на неолиберализмот. За оние чесни левичари, кои со своите активности станаа најмоќното оружје токму во рацете на своите „крвни“ непријатели, сопствениците на најкрупниот капитал на планетава земја, кои во процесот на глобализација ја зацртале можноста за свое натамошно богатење и владеење со светот.

Го пишувам и за оние чесни и искрени идеолошки десничари, кои со громогласните лаги на ситни политички профитери дека веднаш „ќе ги поништат сите договори и закони што ги донесе незаконската Влада на Заев“, изманипулирани и измамени од тие политички профитери стануваат најмоќното оружје токму во рацете на своите „крвни“ непријатели, нелегитимната Влада на Зоран Заев, дробејќи ја македонската десница во моменти кога единството е клучно за успешно справување со нелегитимното мнозинство и резултатите од неговото речиси тригодишно узурпирање на механизмите на власта.

Да одиме по ред.

Во 1648 година, во Минстер и Оснабрик, денешна Рајна-Вестфалија, во Германија, е склучен Вестфалскиот мир, потпишани се вестфалските договори, со што завршува триесетгодишната војна на западот од европскиот континент. Овој договор се смета за почеток на современата ера во политиката и дипломатијата, со што за прв пат е воспоставен систем кој ги почитува човековите права, базиран врз меѓународното право, наместо како дотогаш врз грубата сила и правото на појакиот да ги средува односите меѓу државите.

Со потпишувањето на Вестфалските договори за прв пат се воведуваат четири принципи клучни за функционирање на човештвото во изминативе повеќе од 350 години:

  1. Принцип на суверенитет на нациите – државите и фундаментално право на самоопределување.
  2. Принцип на правна еднаквост меѓу нациите – државите.
  3. Принцип на обврзувачки меѓународни договори меѓу државите.
  4. Принцип на немешање на една држава во внатрешните работи на друга.

Со донесувањето на овие четири клучни принципи се создава современиот меѓународен систем на суверени држави, со што завршува дотогашната практика Светото римско царство (Ватикан) да има духовна доминација врз останатиот христијански свет, па националните држави стануваат највисоко ниво на власт и не одговараат никому над нив. Од тој момент завршуваат крвавите верски војни на тлото на Европа, па дури различните вери во една држава, поведени од националните и државните интереси на формираните суверени држави, заедно застануваат во одбрана на суверенитетот на државата.

Подоцна, токму врз принципите на Вестфалските договори, се градат најпрво Лигата на народите, а потоа и Организацијата на Обединетите Нации, како гаранти на меѓународниот систем на суверени држави и меѓународното право создадено врз тие четири фундаментални принципи.

Значи, се воспоставува систем кој, вака или онака, функционира во тек на долги 350 години, се до раѓањето на неолибералната идеја за глобализација на светот и бришење на суверените држави. Па така, на крајот на минатиот век започнуваат срамежливи обиди да се започне со ревизија на овие четири фундаментални вестфалски принципи, со што би се урнал системот на суверени држави и би се отворил пат за глобализацијата како почеток на зомбирањето на човештвото. Во 1998 година, на симпозиумот посветен на 350-годишнината од склучувањето на Вестфалските договори, еден човек кој  по злото што и’ го нанесе на Република Македонија вечно ќе остане во темната страна на македонската колективна меморија, тогашниот прв човек на најмоќната воена организација, НАТО, Хавиер Солана, левичарски измеќар на неолибералните газди ќе изјави дека “…хуманоста и демократијата се два принципи кои не се релевантни за оригиналниот вестфалски поредок…“, потоа дека „вестфалскиот систем има свои граници…“ и на крајот дека „принципот на суверенитет создал основа за ривалство, наместо сојуз на држави, исклучивост наместо интеграција…“.

Со ваква замена на тези неолибералните злосторници го започнаа процесот на уништување на суверените држави. Со ваква замена на тези, неолибералните злосторници сакаат да не’ вратат назад, во времето кога не систем базиран врз меѓународното право, туку грубата сила и правото на појакиот ги средуваа односите меѓу државите. Имено, токму принципот на суверенитет кој создава здраво ривалство меѓу државите, може да биде основа за здрав сојуз на тие исти држави, а не за бирократизирана отуѓена од сопствените граѓани заедница на држави, каква што е сегашната нефункционална Европска Унија. Заедница на држави која наместо да им служи на интересите на сопствените граѓани, им служи на неолибералните злосторници во процесот на глобализација.

Како одговор на сето ова во светот се појави идеологијата на суверенизмот. Идеологија заснована токму врз принципите на Вестфалските договори. Моќни политички фигури се носители на оваа идеологија во сопствените држави, од Владимир Путин во Русија, преку Реџеп Таип Ердоган, Виктор Орбан, Матео Салвини, па се’ до претседателот на САД, Доналд Трамп. Во Република Македонија токму МААК, како политичка партија, при својата возобнова пред пет години го промовира суверенизмот како идеологија, а партијата како суверенистичка. Оттогаш до денес, многумина ја прифатија и терминологијата и идеологијата и тоа дава надеж дека за Македонија не е се загубено.

Република Македонија е една од првите жртви на идејата за ревизија на вестфалските принципи на сувереност, право на самоопределување, правна еднаквост и немешање во внатрешните работи на суверена држава, а во име на „хуманоста и демократијата“, како што би рекол Хавиер Солана. Па така, во име на неолибералната „хуманост и демократија“ на Република Македонија и’ се одземени фундаменталните права врз кои се потпира меѓународниот поредок и човечката цивилизација – правото на сувереност, правото на самоопределување, правото на правна еднаквост со останатите држави и правото на немешање во внатрешните работи на нашата држава.

Во оваа „Трета светска војна“ меѓу неолибералните злосторници од една и, суверенистичките застапници на меѓународниот поредок и суверените права на државите, од друга страна македонскиот народ, како и многупати до сега, има обврска да ја заземе вистинската страна, страната на суверените држави и народи, а суверенистичката идеологија да стане владеачка во Република Македонија и да ја урне нелегитимната власт на неолибералните измеќари.

Со тоа, македонскиот народ ќе го направи првиот чекор на долгиот пат кон враќање на вестфалските принципи – Република Македонија – суверена држава на македонскиот народ со фундаментално право на самоопределување и еднаквост со останатите држави и народи.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес