Македонија2025 со силен придонес за економскиот развој фокусиран на младите

Како поддршка на економскиот и општествниот развој на земјата, во текот на 2022 година, организацијата Македонија 2025 реализираше низа активности во насока на зајакнување на човечкиот капитал, едукацијата, усвојување нови вештини и знаења, јакнење на соработката и градење партнерства.

За да даде поголем придонес за развојот, во 2022 година, Македонија2025 ги прошири своите програми и активности. Во таа насока, имплементирани беа 30 програми во сегментите: развој на бизниси и конкурентност, поддршка на млади таленти и лидерство, подобрување на деловното окружување и градење партнертства и соработка. Преку програмата „Поддршката на бизнисите и конкурентноста“ беше реализирана обука за развој на бизнис и претприемништво – „Лидер“, а во соработка со Ајви бизнис школата од Канада одржани беа и мини-специјалистички (МБА) обуки за 33 млади претприемачи. Македонија2025 обезбеди менторство за младите претприемачи од искусни професионалци од земјата и странство, а седум мали и средни претпријатија добија експертска помош од Канада за развој на своите бизниси и настап на странски пазари. Преку онлајн платформата Connect2MK се поврза 12 македонски бизниси со македонски професионалци од дијаспората кои ги советуваа и менторираа, а на платформата се регистрирани 52 компании и 35 експерти. На овој начин организацијата придонесе претприемачите од земјава да добијат поддршка и да ја подобрат својата конкурентност и пристапот на пазарите. Преку Програмата за извршни директори – Зафировски, седум македонски бизнис лидери беа дел од престижната Келог школа за менаџмент.

За поддршка на младите кои треба да бидат идната движечка сила на општеството, преку програмата „Таленти денес-лидери утре“, беа доделени 10 стипендии за талентирани средношколци од социјално ранливи семејства. Организиран беше и натпревар за најдобри бизнис проекти на млади лица, а најдобрите предлози беа наградени. Организацијата го помогна и изборот и доделувањето на стипендии на 132 студенти на УКИМ од фондацијата „Атанас Близнакоф“. Дополнително, преку три различни програми, 300 млади луѓе ги развија или подобрија своите вештини за кодирање и роботика. Реализирани се и повеќе активности за промоција на СТЕМ-образованието кај над 300 млади девојки од Македонија, со цел намалување на родовите стереотипи и зголемување на родовата еднаквост.

Годинава успешно беше организирано и 11-тото издание на Самитот на Македонија2025 со над 600 учесници и 44 говорници, како платформа за поттикнување на економски реформи, регионално поврзување и вмрежување на бизнисите и дијаспората. Во насока на дефинирање на можностите за вклучување на дијаспората кон економскиот развој на Македонија, организирани беа и средби на 70 македонски професионалци кои живеат и работат во САД, во околината на Њујорк, Њу Џерси и Конектикат.

Македонија2025 во текот на годината даде активен придонес и кон важни економски теми во земјата, како што се: даночната реформа, намалувањето на бирократскиот товар, дизајнирањето на анти-кризни мерки за надминување на енергетската криза, активација на корисниците на гарантирана минимална помош, поддршка во подготовката на новиот Закон за работни односи и т.н. За организацијата особено се значајни и активностите во рамките на дигитална иницијатива МК25, каде со партнерите се работеше на развојот на идеи и програми за подобрување на дигиталните вештини на граѓаните и дигитална трансформација на бизнисите.

Следната година, преку постојните активности, но и преку надополнување со нови, организацијата ќе продолжи да дава значаен придонес за развој на иновативни вештини на младите, како и поддршка на процесот на дигитализација, подобрување на конкурентноста и намалување на корупцијата.

Од основањето до сега, Македонија 2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образованието и лидерството, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.