Mакедонија да продолжи со поддршка и субвенционирање на производството на тутун

Македонија да продолжи да го помага и да го субвенционира производството на тутун, апелираат од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Оттаму истакнуваат дека тутунското производство во земјава има посебно економско, но и социјално значење, па токму поради тоа Рамковната конвенција за контрола на тутунот и престојниот состанок кој што ќе се одржи во Женева, претставува потенцијална закана за оваа гранка во нашата земја.

„Во реколтата 2012-2013-та година се произведени 29.000 тони тутун, а оваа година се склучени 42.367 договори, што е за прв пат по 2008-ма година“, истакна денеска Васко Ристовски од СКМ, нагласувајќи дека извозот на оваа култура учествува со четири до пет отсто во вкупниот извоз на земјава, додека по основ на даноци во државниот буџет од тутунот се слеваат 30 отсто од средствата.

Во светот минатата година е забележано производство од над седум милиони тони, додека во Европската унија нивото на произведен тутун е околу 260 илјади тони, што бележи извесно намалување.

Oваа конвенција, која и Македонија ја ратификуваше во 2006-тата година , предвидува намалување на вкупното светско производство на тутун, како и намалување на површините засадени со аа култура, а во исто време се залага и за заштита на здравјето на лицата кои што се вклучени во производството на тутун.

Според Ристовски, производството на ориентален тутун во земјава значи егзистенција на голем број семејства, посебно во руралните средини, а доколку се насадат други култури на земја на која што е одгледуван тутун, истите нема да ги дадат потребните резултати.

Владата нуди силна поддршка за производство и откуп на произведениот тутун во земјава, преку субвенции.